„Le Monde“: Хрватска под лупа поради контроверзниот концерт на Томпсон

Францускиот весник Le Monde објави критички осврт за неодамнешниот концерт на хрватскиот пејач Марко Перковиќ Томпсон во Загреб, нарекувајќи го „екстремно десничарски, националистички пејач со профашистички симпатии“ и оценувајќи дека Хрватска покажува „сѐ поголема толеранција кон своето пронацистичко минато“.

Во текстот се наведува дека неговите концерти се забранети во неколку европски држави, додека хрватските власти, според весникот, се соочуваат со сериозни критики поради „недоволна спреченост на јавното истакнување на усташки симболи“.

Le Monde потсетува дека усташкиот режим во Независната Држава Хрватска, формирана во 1941 година со поддршка на Хитлер и Мусолини, бил одговорен за прогонот и убиството на стотици илјади Срби, Евреи, антифашистички Хрвати и Роми во концентрационите логори.

Весникот истакнува дека на концертот биле извикувани пронацистички пароли, се истакнувале симболи поврзани со усташтвото, а Томпсон изведувал песни што започнуваат со усташкиот поздрав „За дом спремни“, кој публиката го повторувала во хор. Многумина носеле црни маици со истиот натпис.

Особено внимание предизвика фактот што премиерот на Хрватска, Андреј Пленковиќ, присуствувал на генералната проба и се фотографирал со пејачот, додека на самиот концерт бил присутен и претседателот на хрватскиот парламент, Гордан Јандроковиќ.

Весникот забележува дека во Хрватска, опозициската Социјалдемократска партија и граѓански организации остро ја осудиле манифестацијата, нарекувајќи ја „светска срамота и промоција на екстремистички пораки со логистичка и политичка поддршка од државниот врв“.

Le Monde го пренесува и ставот на претседателката на српскиот парламент, Ана Брнабиќ, која оценила дека „на европскиот континент не смее да има место за вакви опасни пораки и говор на омраза“.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни