Лазарини: Гладот ​​во Газа може да се реши со една политичка одлука

Гладот  во Појасот Газа може да се запре со само една политичка одлука, изјави денеска првиот човек на Агенцијата на ОН за палестински бегалци –УНРВА (UNRWA), Филип Лазарини, на Стратешкиот форум во Блед.

Тој притоа предупреди дека „отсуството на емпатија“ кон Палестинците доведе до атмосфера на „неказнивост“ во опустошената енклава.

-Понекогаш имам чувство дека сме кажале сè за Газа, дека ни снемало зборови за да опишеме низ колку страдања минуваат луѓето таму, рече Лазарини на форумот.

Швајцарскиот хуманитарец е на чело на агенцијата која има 12 илјади вработени во палестинската енклава. 

Американскиот претседател Доналд Трамп го запре финансирањето на САД за УНРВА тврдејќи дека во неа се инфилтрирале терористички елементи, а Израел им забрани на своите службеници да комуницираат со нејзиниот персонал.

Лазарини тврди дека „веќе нема безбедно место“ во Газа и дека нејзините жители знаат дека можат да бидат убиени каде и да се, во болница, здравствен центар, засолниште на ОН или безбедносните зони прогласени од Израел.

Светскиот механизам за проценка на безбедноста на храната (МПБ), агенцијата која се смета за орган за прогласување кризи со храна, потврди кон средината на август дека во Газа има глад. 

Лазарини нагласи дека гладот ​​во Газа е целосно предизвикан од човечка активност и е „намерен“ и дека хуманитарната помош во палестинската енклава се претвори во оружје. 

Околу половина милион луѓе моментално живеат во услови на глад на северот, но без решителна акција тој ќе се прошири на југот од енклавата.

-Ова е глад што може да се реши со една политичка одлука, рече Швајцарецот. 

Најшокантното нешто во Газа, продолжи раководителот на УНРВА, „е забележителното отсуство на акција и емпатија“ што создаде средина на „неказнување“. Таа комбинација нè прави „соучесници во злосторства за кои никој подоцна нема да може да каже дека не сме знаеле, бидејќи се случуваат пред наши очи“.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни