Вкупно 26 лица го загубиле животот во лавини во Австрија оваа зима, соопшти австрискиот Одбор за безбедност во Алпите (OEKAS), наведувајќи дека бројката е значително над повеќегодишниот просек. Особено трагичен бил периодот од 15 до 24 февруари, кога во планините загинале 14 луѓе.
Одборот предупредува дека несреќите најчесто се случуваат во услови кога ризикот од лавини е јасно означен, но дел од планинарите и скијачите ги потценуваат опасностите. И покрај редовните предупредувања и информации за временските услови, личното управување со ризикот кај одредени посетители на планините сè уште претставува слабост.
По почетокот на зимата со помалку снег, ризикот од лавини нагло се зголемил во последните недели и останува висок, особено во покраините Тирол и Форарлберг. Надлежните апелираат на зголемена претпазливост, особено кај оние што ги напуштаат обезбедените ски-патеки.
Освен опасноста по живот, ваквите несреќи носат и сериозни финансиски последици. Во Австрија, спасувачките операции често се наплатуваат, а испраќањето спасувачки хеликоптер може да чини меѓу 5000 и 6000 евра за интервенција од околу 40 минути, што претставува значителен товар за жртвите или нивните семејства.