Германскиот барон Феликс Фрајхер цу Книфхаузен (49) загина во лавина што го затрупала додека скијал со својот 15-годишен син во швајцарските Алпи. Тинејџерот бил спасен и пренесен во болница. Поради обилните врнежи од снег во последните денови, опасноста од лавини во регионот значително се зголемила.
Семејниот излет трагично завршил во вторник попладне на скијалиштето Савоњин, кога лавината се активирала додека таткото и синот скијале надвор од уредените патеки. Други скијачи и сноубордери кои биле во близина останале безбедни и веднаш ги алармирале спасувачките служби.
Голема спасувачка акција
Во обемната потрага учествувале три хеликоптери, припадници на планинската спасувачка служба и бројни спасители, а помогнале и случајни минувачи. Едно од кучињата трагачи го пронашло 49-годишниот барон, но и покрај обидите за реанимација, тој починал на местото на несреќата.
Неговиот син бил извлечен жив и пренесен во болница, додека надлежните служби обезбедуваат психолошка поддршка за семејството и сведоците.
Првично официјалните извори не го открија идентитетот на жртвата, но медиумите подоцна објавија дека станува збор за баронот Феликс Фрајхер цу Книфхаузен, сопственик на дворецот Боделшвинг во Дортмунд. Информацијата ја потврди и семејниот портпарол.
радот Дортмунд подоцна ја потврди смртта и објави некролог на својата веб-страница. Градоначалникот Александар Калути изрази сочувство, опишувајќи го баронот како пристапна и емотивна личност со посебна смисла за хумор.
Околностите на несреќата ги истражува кантоналната полиција на Граубинден во соработка со државното обвинителство.