Латвискиот претседател Едгарс Ринкевичс го врати на повторна расправа законот за повлекување на Латвија од Истанбулската конвенција.
На 31 октомври, парламентот (Сејмата) изгласа одлука за повлекување од Конвенцијата, која има за цел да спречи и санкционира насилство врз жените и семејно насилство. За излегување од договорот гласале 56 пратеници, 32 биле против, а двајца воздржани. Поддржувачите на повлекувањето тврдат дека конвенцијата „промовира радикален феминизам и идеологија на родот“.
Ринкевичс, кој ја искористи својата уставна надлежност за да побара ново разгледување, предупреди дека ваквиот чекор би испратил „контрадикторна порака кон латвиското општество и меѓународните партнери“.
„Ратификацијата и отповикувањето на Конвенцијата во рамките на еден парламентарен мандат создава впечаток дека Латвија не е подготвена да ги исполнува своите меѓународни обврски со добра волја,“ наведе тој во писмо до Сејмата.
Претседателот потсети и дека Латвија би станала првата земја-членка на Европската Унија што се повлекла од меѓународен договор за човекови права, и повика пратениците „сериозно да проценат дали таквиот потег е во согласност со европските принципи на лојална соработка“.
Премиерката Евика Силиња, чија влада во 2023 година беше избрана со ветување дека ќе ја ратификува Истанбулската конвенција, ја нарече иницијативата за повлекување „сурова и политички манипулативна“. „Тие што беа доволно храбри да побараат помош, денес гледаат како нивните приказни се користат во политички битки. Тоа е сурово,“ напиша Силиња на платформата X во октомври.
На денот на гласањето, Европската комисија потсети дека, дури и во случај на повлекување, Латвија останува обврзана да ги почитува европските правила за заштита на жените од насилство.
Организациите за човекови права и граѓанските иницијативи ја оценија одлуката на парламентот како „опасен преседан и чекор назад во заштитата на фундаменталните права“.
Истанбулската конвенција е договор на Советот на Европа, потпишан од 45 држави и Европската Унија, со цел да се спречи и казни насилството врз жените и семејното насилство. Конвенцијата стана правно обврзувачки документ за сите земји-членки на ЕУ во 2023 година, во области како судска соработка, азил и институционална заштита на жртвите.
Неколку земји – меѓу кои Бугарија, Унгарија, Словачка, Чешка и Литванија – сè уште ја немаат ратификувано.
Ринкевичс предложи конечната одлука за повлекување да ја донесе следниот состав на парламентот, со оглед дека парламентарните избори во Латвија ќе се одржат најдоцна до 3 октомври следната година.