Доминиканската Република беше погодена од трагедија која ја обви во црно нацијата. Во популарниот ноќен клуб „Jet Set“ во Санто Доминго, за време на концертот на легендарниот Руби Перез, во вторникот вечер, се урна кровот на зградата. Во моментот кога музиката го славеше живот, само неколку секунди беа доволни за да настапи страв и смрт. Загинаа најмалку 124 лица, а повеќе од 160 се повредени. Трагедијата според многумина потсетува на неодамнешниот ужас во земјава, кога во пожарот во клубот во Кочани загинаа 60 млади лица. Меѓу жртвите во Санто Доминго се и познати лица од музиката, спортот и политиката.
Жителите на Доминиканската Република за медиумите зборуваат за ноќта која за секогаш ја запре музиката. Свидоците велат дека тоа била ноќ полна со живот. Ноќ кога ритмовите на меренге и бачата одекнуваа низ ѕидовите на еден од најпознатите клубови во Санто Доминго – „Jet Set“.
Клубот, симбол на ноќниот живот и културната идентитет, бил полн. Повеќе од 300 луѓе се собраа да го слушаат и да го слават со 69-годишниот Руби Перез, легенда на латинската музика, чиј глас со децении беше синоним за радост.
Беше тоа повеќе од концерт, велат. Тоа беше вечер на прослави, родендени, пријателства. За жал, никој не претпоставуваше дека тоа ќе биде последниот концерт и за Перез и за многу други. Кровот, огромен, тежок, стар, попушти под чудни вибрации и конструкциски грешки кои веројатно се наталожувале со години. Звукот велат бил страшен, звук кој не се заборава.
„Се слушаше нешто како експлозија. Прво попуштија светлосните инсталации кои висеа од таванот, а потоа големи делови од кровот почнаа да паѓаат како домино. Настапи тотален хаос. Сцените беа застрашувачки. Луѓето врескаа, се туркаа, бараа излез, се обидуваа да ги извлечат блиските. Некои не стигнаа ни да разберат што се случува. Срушените греди и бетонски панели паѓаа во секунда. Музиката застана. Микрофонот на Руби Перез падна на подот“ велат преживеаните.