Латинска Америка се поместува надесно

Победата на конзервативецот Хосе Антонио Каст во Чиле го потврдува регионалното препозиционирање поттикнато од безбедносни и економски кризи

Чиле стана најновата земја во Латинска Америка што направи јасна политичка промена надесно, откако на претседателските избори победи конзервативецот Хосе Антонио Каст, политичар кој често се споредува со Доналд Трамп. Како што анализира Associated Press, резултатот ја потврдува пошироката регионална тенденција на зајакнување на десницата, поттикната од незадоволството на гласачите од растечкиот криминал и разочарувањето од левичарските влади.

Каст, познат по своите ставови блиски до наследството на режимот на Аугусто Пиноче, противењето на истополовите бракови и залагањето за рестриктивна политика кон абортусот, овојпат победи не поради идеолошкиот конзервативизам, туку поради безбедносните и економските прашања што доминираа во кампањата. Гласачите го казнија статус-квото во земја погодена од раст на организираниот криминал и од неисполнетите очекувања на администрацијата на Габриел Бориќ.

Аналитичарите оценуваат дека овој резултат е дел од пошироко анти-владејачко расположение во Јужна Америка. „За економската стагнација, корупцијата и чувството на несигурност, граѓаните ги обвинуваат оние што беа на власт – а тоа најчесто беше левицата“, вели професорот Стивен Левицки од Харвард.

Сличен тренд се забележува и во Аргентина, Еквадор и Боливија, каде што десничарски или тврдораку лидери дојдоа на власт во изминатата година. Во Перу и Хондурас, пак, конзервативните опции бележат растечка поддршка, главно поради ветувањата за решителна борба против криминалот и миграцијата.

Победата на Каст се поврзува и со симболичното влијание на Доналд Трамп, кој јавно го поздрави резултатот. На митингот во Сантијаго се појавија американски знамиња и слогани инспирирани од трампистичката реторика, што дополнително го нагласи идеолошкиот пресврт.

За левицата во регионот, исходот во Чиле претставува сериозно предупредување. Додека мексиканската претседателка Клаудија Шејнбаум повика на самокритична анализа, колумбискиот лидер Густаво Петро предупреди на подем на авторитарни тенденции.

Иако во кампањата најавуваше строги безбедносни мерки и буџетски кратења, Каст во вториот круг настапи со поумерена реторика, фокусирајќи се на стабилноста и институциите. Во своето прво обраќање по победата, тој вети дека ќе биде „претседател на сите Чилеанци“, најавувајќи дека ќе се обиде да ги намали општествените тензии.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни