Лансирањето на мисијата Artemis II повторно одложено: НАСА го поместува летот кон Месечината за март поради истекување гориво

НАСА повторно го одложи лансирањето на мисијата Artemis II за март 2026 поради истекување на течен водород за време на финалниот тест. Мисијата ќе испрати четири астронаути околу Месечината за првпат по повеќе од 50 години.

Американската вселенска агенција НАСА објави дека го одложува лансирањето на мисијата Artemis II за март, откако за време на финалниот тест на сите претполетни процедури било откриено истекување на гориво во системот за течен водород.

Мисијата Artemis II треба да испрати четири астронаути на патување околу Месечината, без слетување или приклучување, по што капсулата Orion ќе се врати во Земјината атмосфера со рекордна брзина од околу 40.000 километри на час. Ова ќе биде првата мисија со луѓе кон Месечината по повеќе од 50 години, односно од последните мисии во 1970-тите.

Прекината „влажна генерална проба“

Во понеделникот, инженерските тимови на НАСА спроведоа таканаречена „wet dress rehearsal“ – целосна симулација на денот на лансирање, која вклучуваше полнење на ракетата SLS (Space Launch System) со околу 700.000 галони суперладен течен погон.

За време на подготовките, инженерите со часови се обидувале да го санираат истекувањето во системот за течен водород, поради што морале повеќепати да ја загреваат опремата за да го запрат протекувањето. Тоа значително го забавило 49-часовното одбројување за тестот.

Генералната проба била прекината само пет минути пред крајот, откако истекувањето се влошило, изјави администраторот на НАСА, Џеред Ајзакман.

Дополнителни технички проблеми

Покрај проблемот со водородот, Ајзакман наведе и дефект на вентил на вселенското летало Orion, проблеми со аудиосистемот и камери погодени од ниските температури.

„Целосно очекувавме дека ќе наидеме на предизвици. Токму затоа ја спроведуваме ваквата генерална проба – за да ги откриеме проблемите пред вистинскиот лет и да обезбедиме највисока можна веројатност за успех“, напиша Ајзакман на платформата X.

Нов тест пред лансирањето во март

Според НАСА, поместувањето на лансирањето за март ќе им овозможи на тимовите време детално да ги анализираат и решат проблемите што се појавија за време на тестот. По тоа, ќе следи уште една „wet dress rehearsal“, пред да се утврди точниот датум за лансирање.

Првичните планови предвидуваа прозорци за лансирање од 6 до 11 март, како и од 1 до 6 април 2026 година.

Мисија со повеќекратни одложувања

Мисијата Artemis II веќе неколкупати беше одложувана. Првичното лансирање беше планирано за крајот на 2024 година, но потоа беше поместено за септември 2025 поради технички проблеми со топлинскиот штит и системот за животна поддршка на Orion.

Подоцна, НАСА го одложи летот за април 2026, а минатата година се појавија информации дека агенцијата се обидува да го забрза лансирањето за февруари 2026, што сега повторно е ревидирано.

И последниот тест беше одложен и поради речиси минусни температури на лансирната рампа во вселенскиот центар „Кенеди“ на Флорида.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни