Лани Џеј-Ди Венс ја шокираше Европа – сега Минхенската безбедносна конференција се чека со страв

Една година по шокантниот говор на Џеј-Ди Венс, Минхенската безбедносна конференција повторно е во фокусот. Европа се соочува со страв дека САД повеќе не се сигурен гарант за нејзината безбедност.

Помина една година откако американскиот потпретседател Џеј-Ди Венс одржа говор што ја потресе Минхенската безбедносна конференција, а индиректно и цела Европа. Во него остро ги критикуваше европските миграциски политики и ограничувањата на слободата на говорот, тврдејќи дека најголемата закана за Европа не доаѓа однадвор, туку одвнатре, пишува BBC.

Публиката тогаш беше видливо затечена. Од тој момент, Белата куќа под водство на претседателот Доналд Трамп започна темелно да го превртува досегашниот светски поредок.

Сојузниците и противниците се соочија со високи царини, следуваше исклучително дрска воена операција во Венецуела, неуспешни обиди на Вашингтон да ја запре војната во Украина под услови поволни за Москва, како и бизарното барање Канада да стане „51-та сојузна држава“ на САД.

Минхен повторно во центарот на вниманието

Овогодинешната конференција, која започнува кон крајот на неделава, повторно се наметнува како клучен момент. Американската делегација ја предводат државниот секретар и советникот за национална безбедност Марко Рубио, а поканети се повеќе од 50 светски лидери. Сето тоа се случува во време кога европската безбедност изгледа сè покревка.

Најновата Национална безбедносна стратегија (NSS) на САД, објавена кон крајот на минатата година, ја повика Европа да „застане на сопствени нозе“ и да преземе „примарна одговорност за сопствената одбрана“. Ова дополнително ги засили стравувањата дека САД повеќе не се подготвени да ја гарантираат европската безбедност како досега.

Кризата со Гренланд и пукнатините во НАТОНо токму кризата околу Гренланд најсилно ги потресе темелите на трансатлантскиот сојуз. Трамп во повеќе наврати изјави дека САД „мора да го поседуваат“ Гренланд заради американската и глобалната безбедност, при што не ја исклучуваше ни употребата на сила.

Гренланд е самоуправна територија во состав на Кралството Данска, па не изненадува реакцијата на данската премиерка, која порача дека евентуално непријателско американско воено преземање би значело крај на НАТО – сојуз кој веќе 77 години е столб на европската безбедност.

Иако кризата засега е тргната на страна, непријатното прашање останува да лебди над Минхенската конференција: дали безбедносните врски меѓу Европа и САД се неповратно нарушени?

„Нема враќање на старото, но сојузот не е распаднат“

Поранешниот шеф на британската разузнавачка служба МИ6, Алекс Јангер, за BBC изјави дека трансатлантскиот сојуз нема да се врати на старото, но и дека не е распаднат.

„И понатаму имаме огромна корист од безбедносната, воената и разузнавачката соработка со Америка“, истакнува тој.

Според него, Трамп бил во право кога побарал Европа да преземе поголема одговорност за сопствената одбрана.
„Имате континент од 500 милиони луѓе кој очекува континент од 300 милиони да се справи со континент од 140 милиони. Тоа е погрешно. Европа мора да преземе поголема одговорност“, рече Јангер.

Подлабоки поделби од военото прашање

Поделбите меѓу Европа и САД одамна ги надминуваат бројките за воени трошоци. Русија троши повеќе од 7 отсто од БДП за одбрана, додека Велика Британија е под 2,5 отсто, а некои НАТО-членки, како Шпанија, ни минималните 2 отсто не ги исполнуваат.

Администрацијата на Трамп има сериозни разлики со Европа и околу трговијата, миграциите и слободата на говорот. Истовремено, европските влади се загрижени поради односот на Трамп со Владимир Путин и неговата склоност вината за руската инвазија да ја префрла врз Украина.

„Шокантно будење за Европа“

Во извештај објавен пред конференцијата, истражувачкиот директор на Минхенската безбедносна конференција, Тобијас Бунде, наведува дека е направен темелен прекин со американската стратегија по Втората светска војна – заснована на мултилатерализам, економска интеграција и верба во демократијата и човековите права.

Вашингтонскиот Центар за стратешки и меѓународни студии (CSIS) ја опиша новата стратегија како „болно и шокантно будење за Европа“.

Тестот на членот 5 и сценариото „Нарва“

Клучното прашање е дали членот 5 на НАТО – принципот дека напад врз една членка е напад врз сите – сè уште функционира безусловно.

Се споменува таканаречениот „тест од Нарва“, естонски град со мнозинско руско население, сместен на самата граница со Русија. Доколку Москва, под изговор на „заштита на сонародниците“, се обиде да го преземе градот, дали САД навистина би ја бранеле Естонија?

Слични дилеми постојат и околу Суавалкскиот коридор, Свалбард или други чувствителни точки во Европа. Во време кога Русија води целосна инвазија врз Украина, ваквата неизвесност може да доведе до опасни погрешни проценки.

Минхенската безбедносна конференција оваа недела би требало да даде одговори за иднината на трансатлантскиот сојуз. Но сè повеќе европски лидери се плашат дека тие одговори нема да бидат она што Европа сака да го слушне.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни