Италијанскиот производител Lamborghini официјално се откажа од плановите за своето прво сериско електрично возило и најави дека до 2030 година ќе се концентрира исклучиво на plug-in хибридни модели со високи перформанси. Од компанијата порачуваат дека електрификацијата е добредојдена, но само како поддршка на V8 и V12 моторите, а не како нивна целосна замена.
Концептот Lamborghini Lanzador, претставен во 2023 година како електричен 2+2 кросовер, требаше да пристигне на пазарот пред крајот на деценијата. Наместо тоа, проектот е ставен во мирување, а приоритет добива развојот на нов хибриден модел.
Извршниот директор Stephan Winkelmann изјави дека побарувачката за целосно електричен Lamborghini во моментов е многу слаба. Според него, клиентите на брендот бараат емоција, звук и карактер кои засега не можат целосно да се добијат од електричен погон. Поради тоа, моторите со внатрешно согорување ќе останат дел од понудата „колку што е можно подолго“.
Актуелната гама на Lamborghini веќе е целосно хибридизирана, вклучувајќи ги SUV моделот Lamborghini Urus, како и суперспортските Lamborghini Revuelto и Lamborghini Temerario. Компанијата минатата година испорача рекордни 10.747 возила, при што Urus останува најпродаван и финансиски најважен модел.
Првичниот план предвидуваше новата генерација на Urus во 2029 година да биде целосно електрична, но од таа идеја се откажува поради страв од недоволна побарувачка. Раководството процени дека ризикот е преголем кога станува збор за моделот што носи најголем дел од приходите.
Иако вратата за електричен Lamborghini не е целосно затворена, од компанијата порачуваат дека таков чекор ќе се направи само кога пазарот ќе биде подготвен. Во меѓувреме, стратегијата останува насочена кон хибридни технологии како компромис меѓу перформансите, емоцијата и регулаторните барања за емисии.