Со тестирање на пловен базар, во езерските води во Струга, на 16ти јули, ќе биде заокружена меѓународната резиденција Lakescape, дел од истоимениот проект кој се спроведува на бреговите на трите големи Европски езера: Ванерн – Шведска, Балатон – Унгарија и Охридското Езеро во Македонија.
На овој настан, кој ќе започне од 17 часот кај платформата на Пливалиште, неколку локални артизани и учесниците од меѓународната резиденција, ќе впловат во езерото и ќе ги преселат своите дуќанчиња во чамци, за да се здружат со него и заедно да промислуваат нови креативни можности за симбиотична и одржлива соработка помеѓу човекот и животната средина.

Организаторите на настанот – ИНКА – Здружение Иницијатива за независен активизам Струга и логистичките партнери Europe House Struga и Спортскиот клуб Соларис, ја покануваат пошироката јавност да се придружи на ова несекојдневно искуство и да придонесе кон одржливоста на креативната крајезерска заедница. Организаторите се погрижија да обезбедат превоз до пловниот маркет – со кајак и СУП даски; се погрижија и за начинот како ќе се купува на вода. Се разбира се погрижија и за добро расположение со музика и освежување.
Учесници на базарот се: Sanja Mikrogreens, Порака Нова, Дуќан, Bache handmade design, Макало од Десе, Леска Крафт, Dijana handmade, Another universe manufacture, Kalin ceramics, SAVE – Sustainable fashion shop, Плетени приказни, Дарови од природата.
Покрај локалните артизани, на настанот ќе може да се посети и чамецот на дизајнерите од меѓународната резиденција – Linnéa Ekelöf, Marianne Hellman, Hajnal Gyeviki и Дуото Оаза.
Пловниот базар Lakescape е финансиски поддржан од Европската Унија, преку програмата на Креативна Европа, како и од Министерство за култура и туризам на Р.С.Македонија.