Лајка бара привремени згрижувачи: Дадете им шанса на уличните кучиња

ЈП Лајка бара граѓани кои ќе згрижуваат бездомни кучиња додека не добијат траен дом.

ЈП „Лајка“ апелира до граѓаните на Скопје да станат привремени згрижувачи на бездомни кучиња и да им дадат шанса за подобар живот додека чекаат траен дом.

Претпријатието ги повика скопјани да се вклучат во програмата за привремено згрижување на кучиња од прифатилиштето, со цел да им се овозможи подобра грижа и полесно вдомување. Наместо живот во бокс, кучињата добиваат можност за домашна средина, рутина и контакт со луѓе.

Од „Лајка“ информираат дека за сите згрижувачи обезбедуваат храна за целиот период, комплетна ветеринарна грижа, стручна поддршка и активна промоција на кучето за негово трајно вдомување.

Програмата има за цел не само да ги растерети капацитетите на стационарот, туку и да им помогне на кучињата да се ресоцијализираат. Во домашна средина тие учат да се движат на поводник, да воспостават доверба и да стекнат навики што значително ги зголемуваат шансите за вдомување.

За вклучување не е потребно претходно искуство – доволни се желба, одговорност и основни услови за грижа.

Овој повик доаѓа во контекст на долгогодишниот проблем со бездомните кучиња, кој според „Лајка“ најчесто произлегува од неодговорно сопствеништво и неконтролирано размножување на домашни миленици.

Кучињата што се нудат за згрижување веќе се здрави, вакцинирани, стерилизирани или кастрирани и микрочипирани, што значи дека се подготвени за нов почеток.

И покрај најавите за проширување на капацитетите, јасно е дека без поддршка од граѓаните, решението не може да биде целосно. Привремените домови се клучниот чекор меѓу засолништето и трајното вдомување.

Понекогаш токму привремената грижа е првата вистинска шанса едно куче да стане нечие.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни