На 29 ноември, токму на некогашниот Ден на Републиката, групата Лајбах ќе настапи во Музејот на Второто заседание на АВНОЈ во Јајце, со концерт симболично насловен „Четвртото заседание на АВНОЈ“.
Настанот е дел од првото издание на АВНОЈ Фест — фестивал кој ќе трае од 25 до 30 ноември и ќе понуди шест дена уметност, култура и дијалог.
Освен изложбите и јавните разговори, токму настапот на Лајбах е најочекуваниот момент — не само поради нивната музика, туку и поради местото и датумот: таму каде што во 1943 година беше создадена Југославија, сега настапува група која со својата уметност ја расклопува нејзината идеологија и митологија.
Симболика, провокација и огледало на историјата
Лајбах отсекогаш биле уметнички експеримент што ги испитува границите меѓу естетиката и идеологијата.
Со визуелен јазик изграден врз тоталитарна симболика и државна реторика, тие уште во осумдесеттите ја замаглија линијата меѓу уметност и пропаганда.

Во нивното интервју за Алтвенгер магазин во 2021 година, тие велат:
„Се разбира, не сме одговорни за распадот на Југославија – ја сакавме таа земја – но да, бевме предвестници, а во одредена мера и катализатори на ветрот на промените што доведе до распадот. Тоа не можеме да го негираме.“
Во разговор за Си Стејџ од истата година, додаваат:
„Балканот отсекогаш бил расцепкан, дури и во времето на Југославија. Тоа беше неговата карактеристика и неговиот квалитет. Југославија беше добра земја, можеби дури премногу добра за да опстане.“
А во интервју за Време во 2025 година, нивната мисла станува уште подлабока:
„Лајбах секогаш се обидувал да биде огледало на општеството… Осумдесеттите беа специфичен период – Југославија беше единствен експеримент меѓу Истокот и Западот… Тогаш можеше да се игра опасна игра со моќниците. Денес моќниците се алгоритмите и пазарот.“
Овие три изјави ја откриваат нивната постојана линија:
Лајбах не се оддалечува од Југославија, туку ја разбира како историски експеримент, идеја и систем, кој можеби бил премногу сложен за да преживее, но доволно инспиративен за да остане мит во уметноста.
Јајце повторно како сцена
АВНОЈ Фест не е само културен настан; тоа е современ обид за реинтерпретација на југословенската симболика низ уметност и критичка мисла.
Во градот каде што некогаш беше прогласена федерацијата, денес уметниците зборуваат за сеќавање, отпор и нови идентитети.

Организаторите нагласуваат дека целта на фестивалот е да ја оживее антифашистичката традиција и да го позиционира Јајце како простор на дијалог меѓу минатото и сегашноста.
Лајбах, кои одамна ја надминаа границата меѓу музичка група и концептуален проект, се идеален избор за тој контекст — уметници што не ја повторуваат историјата, туку ја претвораат во перформанс.
Естетика на контроверзата
Иако Лајбах со години тврдат дека нивната уметност не промовира, туку разобличува идеологии, за дел од јавноста нивното играње со наци-естетиката и авторитарните симболи и натаму остава горчлив вкус.
Можеби токму затоа концертот во Јајце не е само настап, туку прашалник впишан во колективната меморија — што останува од една идеја кога ќе ѝ ги одземеш догмите, и дали можеш да ја оживееш државата како уметничка провокација, барем за една ноќ.