Ладни и магливи утра, a преку ден релативно топло

Ладни и магливи утра, но преку ден сончево и топло – до 23°C. Времето во Македонија останува стабилно до крајот на неделата под влијание на антициклон.

Под влијание на антициклон – поле со висок воздушен притисок и стабилна, сува воздушна маса – времето во Македонија до крајот на неделата ќе биде стабилно и сончево, со мала до умерена локална облачност.

Ќе биде претежно тивко, без изразен ветер. Утрата и натаму ќе бидат ладни и магливи, особено по котлините и речните долини.

Минималните температури ќе се движат од 2 до 9°C, а преку ден ќе биде релативно топло, со максимални вредности од 17 до 23°C, најтопло за време на викендот.

Во Скопје наутро температурата ќе се спушта до околу 5–6°C, додека преку ден ќе достигнува близу 20°C.

Утринска слика од Македонија: ведро и свежо

Денешното утро е ведро и ладно низ целата земја, со минусни температури на повеќе места. Најладно е во Берово, каде се измерени -2°C, а слични вредности се забележани и во планинските делови.

Ветерот е слаб, а видливоста е намалена поради магла и ниска облачност.

Прогноза до крајот на неделата

До недела се очекува стабилно време без врнежи, со постепен пораст на дневните температури и ладни утра со магла.

Следната недела можно е поголемо раздвижување на атмосферските процеси и промена на времето, но засега нема најава за поголем дожд.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни