Глобално популарните Labubu кукли се повлекуваат од европските продавници откако беа прогласени за небезбедни за децата. Европскиот систем за брза размена на информации за опасни производи (RAPEX) издаде итна наредба за повлекување и уништување на овие играчки.
Опасност по здравјето на децата
Станува збор за плишани кукли во форма на чудовишта со метален прстен, кои може да предизвикаат гушење кај мали деца или алергиски реакции поради присуство на штетни хемикалии.
„Производот содржи мал дел кој лесно може да се одвои (метален прстен). Малите деца може да го стават во уста и да се задушат. Дополнително, пластичниот материјал на играчката содржи прекумерни количини на бис(2-етилхексил) фталат (DEHP) и дибутил фталат (DBP), во измерени вредности од 0,02% и 1,64% по тежина“, се вели во соопштението на RAPEX.
Овие хемикалии се познати по тоа што можат да имаат негативно влијание врз репродуктивното здравје на децата.
Неусогласеност со стандардите на ЕУ
Според RAPEX, Labubu куклите не ги исполнуваат европските стандарди за безбедност на играчките, ниту пак одредбите од ЕУ директивата која ги регулира овие производи.
Производител на спорните кукли е кинеската компанија Pop Mart, но е утврдено дека станува збор за фалсификат. Играчките се произведени во Кина, а конкретниот модел — Labubu “Have a Seat” — е препознаен како ризичен и предмет на итно повлекување од пазарот.
Официјални мерки: Повлекување и уништување
RAPEX ја извести јавноста дека производот претставува „сериозен ризик по здравјето на децата“ и побара од сите земји-членки на ЕУ итно да го повлечат од продажба и да го уништат залихите.