Лабораториум -Животот се брани со живот

Деновиве не ѐ ни малку лесно да се биде дел од јавниот и општествен дискурс во Македонија. Трагедијата, бесот, адекватните, а особено неадекватните примери на однесување на луѓе од нашата непосредна околина, ми ја кочат раката со која треба да пишувам, потоа мозокот, но највеќе од се, ми го кочат срцето. Фактот што сме мала средина, прави ужасот да е неверојатно близу и да боли до срж. Несомнено е, деновиве сите го чувствуваме истото. Сепак, како родител и како човек, не смеам да дозволам трагедијата да го обликува моето секојдневие, а уште помалку секојдневието на моите деца. Или било чии деца. Животот се брани со живот. Тоа е наша должност.

Во тој дух, одлучив оваа колумна ја посветам на отворањето на ЛАБораториум, нов културен и (се надевам) општествено релевантен центар во Скопје. Добрите познавачи на културните прилики, знаат дека градот страда од сериозен недостиг на креативни простори. Ова особено важи за локации каде новите, млади генерации би добиле простор не само како публика, туку и како активен чинител. Институциите поврзани со градската или централната власт премногу зависат од моменталното расположение, партиските интереси и културната едуцираност на номенклатурата која ги контролира. Дури и извонредно успешни средини како на пример Младинскиот културен центар Скопје, не се имуни на закани по квалитетот на нивната работа, долж некомпетентноста на политичките елити кои ги контролираат. Оттука, самиот факт што Лабораториум е културен центар во приватна сопственост, е иновативно само по себе.

ЛАБораториум е повеќе идеја отколку простор, но и простор за идеи. Идеи нови, паметни, креативни, иновативни, корисни, применливи, па и профитабилни. Едукативен културен центар, отворен за креативните индустрии, кој ќе овозможува култивирана средина и поттикнува иницијативи на младите, преку нивно активно учество и соработка. ЛАБораториум претендира да биде автентичен и слободен простор за дружење, размена на идеи, експериментирање и ко-креација. Простор каде што младите и воопшто луѓето од идеја, ќе можат да соработуваат, всушност коалицираат врз основа на заеднички креативен интерес.

Живееме во време на одлив на мозоци. Креаторите си заминуваат од Македонија и ги даваат своите најдобри години и полн потенцијал на други места. Токму тие луѓе ни се најпотребни. Ако сакаме суштински промени, развој и подигање на квалитетот на животот, едноставно мораме да ги задржиме овие луѓе во земјата. Оттаму, ЛАбораториум е посветен на промена на самата перцепција на младинската активност и реализација, со нескриена цел за промена на свеста и практиките кои ги гонат младите луѓе од земјава. Актери, музичари, режисери, стилисти, гејмери, кројачи, водоинсталатери, електричари… сите се барани, корисни и еднакви пред предизвиците на креацијата и успехот со својот продукт. Се разбира заради успех во својот живот.

Лабораториум се наоѓа во срцето на Скопје, спроти Театар Комедија, веднаш до зградата на Европски Универзитет, во просторот на поранешната печатница на Нова Македонија. Располага со импозантен, повеќенаменски простор, кој може да се користи во зависност од потребите. Концерти, театарски претстави, обуки, едукации, мануфактура, радио, видео, кафе бар… се само некои од содржините кои би можеле да се инсталираат во пост-индустријалниот амбиент на ЛАБораториум. Овој петок, 8ми декември, ќе биде отворен ден за посетители и добронамерници. Од дванаесет на пладне, па се до еден часот по полноќ, ЛАБораториум ќе ги отвори вратите за оние кои сакаат да се запознаат со концептот и потенцијалите на новиот културен центар во градот. Предвидена е и пригодна, но опуштена  уметничка програма, повеќе како активна позадина за креативни средби и разговори. Средби кои можеби набргу ќе резултираат со нови победи за Скопје и Македонија.

Авторот е музичар

* Колумните се лични ставови на авторите.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни