Лајбах во Скопје: Апокалиптична симфонија на звук, визија и филозофска провокација

Концертот на групата Лајбах во Скопје, кој се одржа во салата на Македонската филхармонија, беше вистински културен настан кој ги надмина очекувањата. Легендарната словенечка група, која веќе четири децении го редефинира значењето на индустријал музиката и перформативната уметност, успеа да искреира специфично искуство-истовремено интензивно, рефлексивно, па и трансцендентално. Салата беше исполнета до последното место а атмосферата пак, беше наполнета со енергија, истражувачки дух и чувство на колективна потрага по нешто поголемо – нешто што го надминува секојдневното и нè поврзува со универзалните прашања на човештвото.

Концертот беше поделен на два дела. Во првиот дел, групата го претстави својот понов материјал, кој по сензибилитет и експерименталност потсетува на комбинација на фри џез и индустриски звук. Овој нов звук е истовремено хаотичен и организиран, со импровизациски елементи кои се прелеваат во моќни, механички ритми. Оваа музичка експлоатација е доказ дека Лајбах продолжуваат да го прошируваат уметничкиот хоризонт, останувајќи доследни на својата индустријал естетика, истовремено истражувајќи нови стилски хоризонти. Вториот дел од концертот беше посветен на нивниот култен албум Opus Dei изведен во целост, но со свежа, реаранжирана интерпретација. Нумерите од овој албум, кои се веќе легендарни во канонот на експерименталната  музика се здобија со нова димензија и енергија. Лајбах успеаја да ги преработат своите класици додавајќи им современ призвук, но притоа задржувајќи ја нивната оригинална моќ и провокативност. Оваа верзија на Opus Dei, истовремено носталгична и иновативна, ги потсети обожавателите на значењето на албумот.


Визуелната компонента на концертот беше феноменална и нераскинливо поврзана со музиката. На екранот се проектираа инсерти од филмовите на Сергеј Ејзенштајн, чии револуционерни и симболични сцени се совпаднаа со нумерите на Лајбах. Беа прикажани и стари филмски журнали од времето на Југославија кои во комбинација со ремиксуваните снимки од бендот создадоа вистински видео-колаж. Овие елементи ја збогатија музиката подлошка и ја вкоренија во историски и политички контекст, правејќи го настапот многу повеќе од обичен концерт-едно вистинско мултимедијално уметничко дело. Визуелизациите беа како портал низ времето и просторот, потсетувајќи на дијалектиката на човечката историја и на уметноста како средство за нејзино толкување.

Настапот беше исполнет со филозофски референци и пораки. Лајбах, како и секогаш впрочем, не избегнаа да ги истражат и нагласат темите на моќта, контролата и општествените структури. Сепак, покрај нивната карактеристична критика на системите, групата понуди и порака на надеж и потрага по подобра иднина. Во свет каде воената закана и глобалната несигурност се сеприсутни, Лајбах успеаја да создадат еден вид на колективна медитација за неопходноста од промена и конструктивен отпор. Музиката и видеата се повик кон свесност и акција, потсетувајќи ја публиката на важноста на уметноста како средство за предизвикување на критички размисли и промена.

Новите членови на групата, како и новата вокалистка, со својот изглед и перформанс значително допринесоа за збогатување на целокупниот впечаток. Бендовскиот пристап, истовремено елегантен и интензивен, додаде нови нијанси на сценската динамика. Вокалниот аспект кој се движеше од меко шепотење до моќни гласовни експлозии ја збогати музичката палета на групата. Новата енергија во комбинација со искуството на оригиналните членови, создаде совршена хемија на сцената.

Фронтменот Милан Фрас, со својот длабок и харизматичен глас е центарот на вниманието, додека останатите членови на групата создаваа звучен ѕид кој беше и импозантен и емотивен.

 На самиот крај од концертот, Лајбах не останаа рамнодушни кон тековните светски настани, напротив. Преку својот постмодерен дискурс, групата ја истакна неопходноста од мирна солуција за тековните конфликти кои го раздираат светот. Нивната порака е јасна: војната не е и никогаш не била решение. Наместо тоа, тие ја истакнаа улогата на уметноста и колективната свест како алатки за изградба на подобар свет. Оваа финална порака, иако апокалиптична во својот тон, беше истовремено исполнета со надеж – надеж дека човештвото може да научи од своите грешки и да се движи кон иднина на мир и солидарност.

Концертот на Лајбах во Скопје беше повеќе од само музички настан – тоа беше уметнички манифест, филозофска дискусија и колективно искуство што ги потсети сите присутни на моќта на уметноста да ги провоцира, инспирира и обединува луѓето. Овој настан без сомнение, е еден од најмоќните и најбитните културни перформанси организирани во нашиот град во изминатиов  период. Тој уште еднаш ја потврди трајната релевантност и генијалност на проектот на Лајбах и ја истакна важноста на арт перформансот како средство за размислување, предизвикување и промена во времињава на несигурност.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни