Литературата во Македонија која се занимава со ЛГБТИ темата е повеќе инцидентна отколку вообичаена појава на книжевната сцена. Иако има издавачи кои објавуваат квир литература, нивната работа најмногу може да се оправда со личен ентузијазам. Литературата што ја обработуваа оваа тема е секако многу влијателна во разбивањето на стереотипите кои мнозинската заедница ги има кон ЛГБТИ популацијата.
Не постои временска рамка која означува кога почнала да постои ЛГБТИ литературата, таа едноставно започнала со постоењето на самата литература, прашање е само колку законските нормативи дозволувале да се чита или да се толкува како таква. Постмодернизмот ја прогласи смртта на авторот, но денес е многу важно хомосексуалците, трансродовите и интерсексуалните луѓе да ги напишат своите искуства и да создаваат литературни дела од нивниот нехетеронормативен универзум.

За ова зборувавме со издавачите од македонската книжевна сцена, што мислат околу овие прашања, какви се нивните ставови и пристап кон издавањето на книги кои се субверзивни и кои на своевиден начин помагаат да се амортизира општествената омраза кон поинаквите.
Никола Гелевски од издавачката куќа Темплум го сподели своето искуство: „Темплум може целосно да се нарече квир издавач, ако зборот го сфатиме во неговото пошироко значење: не само геј, не само ЛГБТИ, туку квир во смисла необично, чудно, лудо, предизвикувачко, отфрлено, маргинално, субверзивно… Темплум е тоа, квир духот го проникнува сето она што го работам во издаваштвото повеќе од 30 години“.
Понатаму Гелевски реди наслови на книги кои одблиску ја секцираат темата и придонесуваат во поимањето на квир литературата, а со тоа овозможуваат полесно прифаќање и согледување на различностите.
„Пред 10-тина години ја покренавме едицијата „Квир сквер“ и таму објавивме седум книги, шест прозни и една теориска: „Морис“ од Е.М. Форстер, „Збогум, Берлин“ од Кристофер Ишервуд, „Поматувањата на питомецот Терлес“ од Роберт Музил, „Во својот двор“ од Сузана Тратник, „Ред за ручек“ од Уршка Стерле, „Пристоен живот“ (антологија на лезбејскиот расказ од регионот) и „Како да се биде геј“ од Дејвид Халперин (последниот превод на Огнен Чемерски).
Тргнавме амбициозно, си поставивме високи цели (романите „Морис“ и „Збогум, Берлин“ се светска класика, меѓу најзначајните прозни книги во 20 век, а тука некаде е и романот на Музил). За жал, приемот на книгите не беше претерано охрабрувачки и останавме на само седум објавени наслови.“- пренесува Гелевски за Трн додека започнува со броењето на другите едиции на Темплум кои задираат во категоријата квир.

„Во едицијата Магма имаме најмалку десетина други книги, главно прозни, кои исто така можат да се подведат во категоријата квир: „Сарасина“ од Балзак, „Наспроти“ од Хуисманс, „Свртување на завртката“ од Хенри Џејмс, „Кира Киралина“ од Панаит Истрати, „Ти не си странец тука“ од Адам Хаслет, „Али и Нино“ од Курбан Саид… Мојата можеби најдрага Темплум квир книга е генијалната графичка новела на Алисон Бехдел, „Fun home“, објавена во стрип едицијата Лифт. Пред три години објавивме и една прекрасна квир сликовница, „Морис и фустанот со боја на мандарина“ на канадските автори Кристин Балдачино и Изабел Маланфан.“- реди Гелевски, иако знае дека капацитетите на издавачите се поголеми за овој вид литература од интересот на публиката.
Во списанието Маргина, кое следната година ќе одбележи 30 години постоење, исто така имало објави на низа квир автори (Жан Жене, Вилијам Бароуз, Мишел Фуко…). Окно, порталот кој го води Гелевски псотои посебна квир рубрика во која досега се објавени околу 800 прилози. Но, од наброеното се добива впечаток дека главно станува збор за преводи на странски автори.

Петар Андоновски, наградуван автор и можеби најпознат по неговиот роман „Лето во кое те нема“ за Трн, а во врска со застапеноста на квир темата во македонската книжевност изјави: „Во последните неколку години се поприсутни се ЛГБТИ теми во нашата литература, и порано ги имало, но најчесто во негативен контекст. Не ми е познато дека некој издавач има проблем да објавува квир литература. И мојот роман ,,Лето во кое те нема” помина одлично, дури од театарот во Куманово беше поставен и на сцена. Мислам дека веќе треба да размислуваме и во средните училишта да воведеме барем еден квир роман како лектира. Книжевноста може многу да придонесе да се надминат предрасудите.“ – анализира Андоновски
Токму затоа, за читателите откри дека и следниот роман кој треба да излезе набрзо ќе обработува исто така квир тема, со настојување дека литературата е еден дел во општеството кој може значително да влијае во прифаќањето на луѓето со различна сексуална ориентација.

Од останатите издавачи кои имаат само книга до две можеме да ги вброиме издавачката куќа „Полица“ со романот „Крајот на Еди“ од младиот француски автор Едуар Луј. По повод месецот на борбата за правата на ЛГБТИ заедницата, во првата половина од јуни книгата е на половина цена. Инаку во книгата е раскажана потресна приказна за предизвиците со кои се соочува едно младо момче во рурална Франција, додека расте осознава дека го привлекуваат момчиња.
„Гробиштата“ од романскиот автор Адријан Телешпен е во издание на издавачки центар ТРИ од едицијата ЕАЦЕА, книги поддржани од фондот на Креативна Европа. Тоа е бунтовна книга што се бори со стереотипите во потрага по слободата, прифаќањето на сопствената вистина, со тежнеење да се ослободиме од самодокажувањето.
Од домашните автори би можеле да издвоиме уште неколку имиња. Лидија Димковска со нејзиниот роман „Резервен живот“ се вбројува во изданијата со квир тематика, романот обработува приказна на две сијамски близначки и нивниот сопруг. Писателот Гоце Смилевски за тој роман напиша: „Резервен живот“ е приказна за две сијамски близначки родени со споени глави, Злата и Сребра, и за нивната потрага по смислата на животот обележан од физичката мана во семејната и општествената средина на осаменост, другост и (не)прифатеност. Романот преку необични пресврти, психолошка анализа, специфичен пристап кон љубовта, стварноста и кон времето во кое живееме ја истакнува храброста на Димковска да им даде книжевен облик на актуелностите на нашето време и на судбината на човечкото битие.

Книгата „Лазарка“ од Љупчо Петревски, добитник на наградата „Пегаз“ за 2020 година, исто така може да се вброи во квир издаваѓтвото. Лазарка е фиктивен лик создаден од поетесата Силвија Плат и истовремено е метафора за жената која во хетеронормативното општество е омеѓена во „розовото гето“. Лазарка е и Силвија Плат и Дора Карингтон и Ева Браун и сите други женски ликови кои преку алузии и директни цитати упатуваат на силни авторки и уметници, жени кои се бореле да излезат од сенката и од доминацијата на нивните машки партнери, а истовремено да воспостават рамноправен поредок во нивните односи.

Но, она што е значајно, не е темата како мотив, туку темата како содржина што може да влијае врз свеста на читателите, што ќе им ги збогати мислите и ќе го промени начинот на кој го гледаат светот.
Помалку или повеќе издавачките куќи кај нас се отворени за квалитетна литература без разлика на нејзината определба. Во последно време вратите на сè повеќе издавачки куќи се отворени за секаква тематика, па и ние, во чекор со светот, го следиме она што е општествено важно.