Куќата на цвеќето, е едно од местата кое децении наназад буди носталгија кај генерации пораснати во државата која се нарекуваше Југославија и љубопитност на оние кои се родија по распадот на земјата која имаше близу 22 милиони жители. Во овој објект е погребан поранешниот доживотен претседател на Социјалистичката Федеративна Република Југославија и Маршал Јосип Броз Тито, а подоцна и неговата сопруга Јованка.
Мавзолејот се наоѓа на Дедиње и е еден од трите составни дела на Музејот на Југославија. Се наоѓа на прекрасна локација, опкружена со убава природа и зелени шуми во Белград.
Зградата на Музејот ја проектирал архитектот Михаило Јанковиќ (1911-1976). Изградена е како отворена и незаборавна зграда. На централниот дел од зградата се наоѓа широк влез, над кој се наоѓа мозаик, дело на Бошко Карановиќ.
Објектот во кој е погребан Тито се наоѓа до главната зграда на музејот и за време на животот на поранешниот претседател Тито, во 1975. година, бил изграден како летна градина и имал име „Цвеќара“. Однадвор, Куќата на цвеќето била изграденa од жолта фасадна тула, а внатрешноста била во бел мермер. Во централниот дел на објектот се наоѓала фонтана, а околу централниот дел биле работната и спалната соба, салон, библиотека и гостинска соба. Во градината има колекција од 20 скулптури кои се подарени по различни поводи на Јосип Броз. Доминира споменикот на Маршалот Тито, дело на Антун Августинчиќ од 1948 година.Темата и стилот се разликуваат. Некои од нив тематски се поврзани со НОВ и Втората светска војна.
Мавзолејот се наоѓа блиску до официјалната резиденција на Тито и тој тука минувал многу време. Во 1980 година изразил желба да биде погребан токму во зимската градина. Тито починал на 4 мај 1980 година, веднаш по хоспитализацијата, а зимската градина била реконструирана во рекорден рок од 4 дена, споменатата фонтана била отстранета и на нејзино место била изградена гробница. Поради големиот углед што маршал Тито го имал во светот, особено во меѓународната организација „Движење на неврзаните“, на погребот присуствувале 211 делегации од 128 држави од светот. Бидејќи правата надгробна плоча била многу тешка, на официјалниот дел од погребот била поставена копија со помала тежина, за да испраќањето на претседателот биде грандиозно. По официјалниот дел од погребот, ковчегот бил покриен со бакар, а со кран бил отстранет кровот на објектот, за да може огромната надгробна плоча од бел мермер, тешка 9 тони, во која било врежано „Јосип Броз Тито (1892-1980) да биде поставена. Тука по смртта, во 2013. година, била погребана и сопругата на претседателот Тито, Јованка Броз (1924–2013).
По погребот, Куќата на цвеќето била отворена за граѓаните и во наредните години станала место кое до денес, според последните податоци, го посетиле повеќе од 20 милиони посетители.
-Нас јавноста и понатаму некако најмногу не врзува со Куќата на цвеќето и со Јосип Броз Тито, но денешниот Музеј на Југославија настана со спојување на Меморијален центар на Јосип Броз Тито и со Музејот на револуцијата. Ние денес тука колектираме материјали не само од таа бивша Југославија и периодот на Тито, туку и периодот на Кралството Југославија, затоа што Музејот на Југославија од 2022 година стана матичен музеј за целокупното југословенско наследство. Значи ја изучуваме самата идеја, настанокот и првиот период и овој последен период па и самиот тој распад на Југославија. Она поради што сме и ние интересни на посетителите, а особено на посетителите од регионот и од државите кои некогаш ја сочинуваа Југославија е тоа живо сеќавање на една држава која веќе не постои. Токму тоа сеќавање е најголема причина зошто посетителите кај нас и понатаму доаѓаат – вели Богдан Петровиќ од Музејот на Југославија.
Постојаната поставка во Куќата на цвеќињата денес се состои од спомен-соба и изложбен дел на левата и десната страна од гробот на претседателот Тито. Во изложбениот дел се наоѓаат некогаш популарните „штафети“ што младината на Југославија ги носела по повод Титовиот роденден 25. мај, кој по негов предлог се славел како Ден на младоста. Редовната поставка содржи фотографии на носителите на штафетите, писмени пораки кои Тито ги примал со штафетите, униформи на маршалот и други предмети.
-Со оглед на тоа дека јавноста генерално не врзува на Тито, посетителите најмногу се интересираат за личноста на Тито и на Јованка и тие нивни лични предмети. Го имаме тука тој „камен од месечината“ кој често го има во јавноста и медиумите и важи за еден од највредните премети кои ние ги имаме. И навистина тоа е еден од највредните артефакти кои ги имаме и чија вредност е проценета од страна на НАСА на 500.000 евра, е сега колкава е таа негова вредност во материјална смисла? И не е толку голема, но е во таа идеолошка смисла затоа што Тито беше еден од ретките владетели и земја која таа делегација ги посетила и го донела тој вреден поклон. Тука се секако и штафетите. За постетителите е многу интересно и ги бараат оние феномени низ кои ние ги врзуваме сеќавањата на Југославија. Значи она што е еманципација? Она што се работни акции, што е мултиетичност…затоа што Југославија и понатаму е синоним за една идеја на единство на различности и во тој први и во овој после период така да тие се некои работи и секако она што е врзано за Движењето на неврзаните која е некако најважен настан во меѓународната соработка со Југославија и тоа е она што странските посетители најмногу го бараат. Имаме и посетители од Афрички земји. Тоа се сиромашни земји и од тие краеви има малку туристи, но доаѓаат делегации кои го почитуваат сето она кое Тито го направил во делот на неврзаните затоа што тој практично ја смените сликата за „белиот човек“ во Африка, што е многу важно. Доаѓаат и луѓе од западните земји затоа што за нив е интересно тоа што се рботи за држава која веќе не постои а била добро организирана и сакаат таа организација да ја искпираат во некои свои системи – вели Богдан.
Оваа година Музејот има рекорден број на посетители и во моментов бројката 197.000 посетители. Од Музејот очекуваат во наредните денови бројот на посетители да надминеме 200.000, што е рекорд и во однос на мината година кога имало 135.000.
Кој беше Јоспи Броз Тито? Човекот кој почива во Куќата на Цвеќето
Јосип Броз-Тито е југословенски комунистички политичар и доживотен претседател на Социјалистичка Федеративна Република Југославија. Тито бил генерален секретар, а подоцна и претседател на Комунистичката партија на Југославија од 1939 до 1980 и ја предводел Југославија во Втората светска војна. На чело на Партизанското ослободително движење бил од 1941 до 1945 година. По војната бил Премиер на Југославија, а подоцна и Претседател на државата. Од 1943 до неговата смрт тој бил одликуван за единствен Маршал на Југославија и врховен командант на Југословенската народна армија.
Покрај државничките обврски и водачки должности во КПЈ и СФРЈ, Тито бил еден од основачите на Движењето на неврзаните и негов прв генерален секретар.
Роден во Кумровец, северозападна Хрватска, во регионот Загорје, тогашна од Австроунгарија како седмото дете на Фрањо и Марија Броз. Во 1907, преселувајќи се од руралната средина, Броз почнува да работи како ученик на клучар во Сисак. Таму станува свесен за работничкото движење и за првпат го прославува 1 мај — Денот на трудот. Во 1910 се придружува на синдикатот на металуршките работници и станува член на Социјалдемократската партија на Хрватска и Славонија.
На почетокот на Првата светска војна е испратен на српскиот фронт. Уапсен е за антивоена пропаганда и затворен во Петроварданската тврдина. Во 1915 неговиот баталјон е испратен на Источниот фронт во Галиција да се бори против Русија. Во Буковина е сериозно ранет. Во април целиот негов баталјон паѓа во руско заробеништво. По неколку месеци поминати во болница, во есента 1916 Броз е испратен да работи во камп во планините Урал. Ослободен е во текот на Февруарската револуција. Во април 1917 е уапсен за организирање демонстрации за воените заробеници, но набрзо успева да избега. Го прифаќа ленинизмот и учествува во болшевичките демонстрации во Санкт Петербург на 16-17 јули 1917. Потоа се обидува да избега во Финска, но е уапсен и затворен во Петропавловската тврдина на три недели, по што е испратен во Сибир. Повторно успева да побегне и во ноември во Омск им се приклучува на црвеногардејците. Во пролетта 1918 станува член на југословенската секција на Руската Комунистичка Партија.
Во септември 1920 се враќа во Југославија и станува член на наскоро забранетата Комунистичка партија на Југославија. Станува активист во синдикалното движење. Откако Југославија е заземена од Силите на Оската во април 1941, комунистите меѓу првите го организираат движењето на отпорот. Јавниот повик на Тито за вооружен отпор против окупаторите датира од 4 јули 1941. Тој станува Главен командант на Народноослободителната војска. Партизаните на оваа армија поставуваат широка партизанска борба и почнуваат да ослободуваат територии во кои ги организираат народните комитети да дејствуваат како цивилна влада.
Тито е виден водач на Антифашистичкото Собрание на Народното Ослободување на Југославија (АВНОЈ) што се одржува во Бихаќ во 1942 и Јајце во 1943 и ја поставува основата за повоената организација на земјата, создавајќи федерација. На 4 декември 1943, за време на окупацијата на Југославија, Тито ја прогласува привремената демократска југословенска влада.
Тито станува премиер и министер за надворешни работи на повоена Југославија. Тој останува во тие функции до 13 јануари 1953, кога го наследува Иван Рибар на функцијата Претседател на Југославија. На 7 април 1963, земјата го менува официјалното име на Социјалистичка Федеративна Република Југославија, а Јосип Броз Тито е именуван за доживотен претседател.Тито исто така е меѓународно познат како прв комунистички водач што го победи Сталин дистанцирајќи се од Советскиот Сојуз, по Резолуцијата на Информбирото во 1948 година.
За време на Тито, Југославија станува основач на Движењето на неврзаните. Во 1961, Тито го создава Движењето заедно со Гамал Абдел Насер од Египет и Џавахарлал Нехру од Индија, создавајќи силни врски со земјите од Третиот свет. Најголемата сила на Тито во очите на Западот е неговиот успех во сузбивање на националистичките чувства и одржување на единството во земјата. Титовиот повик за единство и поврзаните методи се тие што ги држат народите на Југославија заедно. Во 1980, Тито е прифатен во клиничкиот центар во Љубљана, Словенија со проблеми на циркулација во нозете, по што неговата лева нога е ампутирана. Тој умира таму на 4 мај 1980, а неговиот погреб привлекува многу светски политичари.
На оддавањето почит и на закопот на Претседателот на Социјалистичка Федеративна Република Југославија, Јопис Броз Тито, присуствуваа вкупно 209 делегации од 127 земји: 122 државни делегации, 48 делегации на партии, 4 делегации на ослободителни движења, 9 делегации на меѓународни организации и 6 други. На чело на државните делегации имаше 38 шефови на држави, 5 принцови, 7 потпретседатели на републики, 6 шефови на национални парламенти, 10 претседатели на влади, 3 потпретседатели на влади, 11 министри за надворешни работи, 20 членови на влади и 22 државни функционери. Меѓу сите делегации што поминаа покрај одарот на Претседателот Тито и покрај неговата гробница се најдоа собрани заедно 4 кралеви, 6 принцови, членови на кралски семејства, 31 претседател на република, 10 потпретседатели на републики, 11 претседатели на национални парламенти, 22 премиери, 12 заменици на претседатели на влади, 47 министри за надворешни работи и повеќе членови на влади.
Десет години по неговата смрт престана да постои држвата која тој ја создаде воден од идеологијата во која веруваше. Остана само мавзолејот на Куќата на цвеќето и цитатот на Тито „Чувајте ми го братството и единството како зеница во своето око„