Кувајт го намалува производството на нафта поради војната и заканите во Ормускиот Теснец

Кувајтската нафтена корпорација прогласи „виша сила“ и започна со намалување на производството на сурова нафта поради заканите во Ормускиот Теснец и ескалацијата на конфликтот на Блискиот Исток.


Кувајтската нафтена корпорација (KPC) прогласи состојба на „виша сила“ и започна со намалување на производството на сурова нафта, објави агенцијата Ројтерс.

Клаузулата за виша сила се активира кога компаниите не можат да ги исполнат договорните обврски поради настани што се надвор од нивна контрола. Засега не е познато колку ќе биде намалено производството, а компанијата не дала дополнителен коментар.

Во февруари Кувајт произведувал околу 2,6 милиони барели сурова нафта дневно. Во соопштението се наведува дека намалувањето е превентивна мерка и дека ситуацијата ќе се преиспитува во зависност од развојот на безбедносните услови. Компанијата додава дека е подготвена повторно да го зголеми производството веднаш штом тоа ќе биде можно.

Како причина за ваквата одлука се наведуваат директните закани од Иран за безбедноста на пловидбата низ Ормускиот Теснец, постојаните напади во регионот и речиси целосниот недостиг од бродови во Персискиот Залив за транспорт на нафта и нафтени деривати.

Претходно и Ирак и Катар го намалија производството на нафта и гас, бидејќи војната меѓу САД и Иран веќе осум дена ги блокира испораките од Блискиот Исток.

Конфликтот ја загрози и една од најважните светски трговски рути за енергенси – Ормускиот Теснец, кој ги поврзува Персискиот и Оманскиот Залив. Низ овој теснец се транспортира околу 20 проценти од светската нафта и течен природен гас.

Аналитичарите предупредуваат дека и Обединетите Арапски Емирати и Саудиска Арабија наскоро би можеле да бидат принудени да го намалат производството, доколку складиштата се наполнат поради проблемите со транспортот.

Кувајтската нафтена корпорација е еден од главните извозници на нафта за азиските пазари и важен снабдувач со гориво за авионите во северозападна Европа.

Во меѓувреме, војната меѓу САД, Израел и Иран продолжува да се шири и надвор од границите на Иран, откако Техеран возврати со напади врз Израел и врз земји од Персискиот Залив каде што се наоѓаат американски воени бази.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни