Партијата на косовскиот премиер Албин Курти оствари убедлива победа на неделните вонредни парламентарни избори на Косово, покажуваат прелиминарните официјални резултати, со што се отвора можност за надминување на долгогодишниот политички застој што ја парализираше земјата.
Според податоците на Централната изборна комисија, партијата Самоопределување (Ветевендосје) освоила 49,79 проценти од гласовите, по пребројувањето на околу 95 проценти од избирачките места. На второ место се најде Демократската партија на Косово со 21,18 проценти, додека Демократската лига на Косово го освои третото место со 13,77 проценти од гласовите.
„Мораме да делуваме што е можно побрзо за да ги формираме институциите“, изјави Курти по објавувањето на прелиминарните резултати, повикувајќи ги опозициските партии на соработка во парламентот „во интерес на граѓаните и државата“.
Поголема поддршка отколку на претходните избори
На изборите одржани на 9 февруари, Самоопределување освои 42 проценти од гласовите, што не беше доволно за формирање влада, поради што земјата повторно беше соочена со политичка криза и ново излегување на гласање.
Конечните резултати ќе бидат објавени по пребројувањето на гласовите од дијаспората.
Предизвик – парламентарно мнозинство
За самостојно функционирање на владата, на партијата ѝ се потребни најмалку 61 пратеник во парламентот, кој брои вкупно 120 пратенички места. Излезноста на изборите изнесувала околу 45 проценти, што е повисоко во споредба со февруарските избори, кога на гласање излегоа 40,6 проценти од избирачите.
Клучен момент за државата
Нов неуспех во формирањето влада и повторното конституирање на парламентот би значело продолжување на политичката криза во чувствителен момент за Косово. Новиот парламентарен состав треба да избере нов претседател и да ратификува кредитни договори во вредност од околу една милијарда евра со Европската унија и Светската банка, кои истекуваат во наредните месеци.
Тензии со опозицијата
Опозициските партии одбија да влезат во влада со Курти, критикувајќи ги неговите односи со западните сојузници, како и неговиот пристап кон етнички поделениот север на Косово, каде живее српското малцинство. Од друга страна, Курти ја обвинува опозицијата за продолжувањето на политичкиот застој.
