Настанот кој ги поврзува учесниците во духот на олимпизмот, пријателството, меѓусебната почит и поддршка, ќе се одржи во Скопје, Куманово и Осијек (Хрватска), од 20 до 26 јули, годинава.
На традиционалниот престижен олимписки фестивал ќе учествуваат 50 делегации од повеќе европски земји, над 4.000 спортисти на возраст од 14 – 18 години, тренери и тимови за поддршка и околу 700 волонтери, кои ќе се натпреваруваат во 15 спортски индивидуални и групни дисциплини.

Раководителот на Секторот за култура, спорт, социјална заштита, заштита на децата и здравствена заштита, Александар Крстевски, рече дека градот ќе пречека околу 590 спортисти од 48 држави, кои ќе се натпреваруваат во 15 спортски дисциплини. Општината вложила во уредувањето на спортските објекти, обуката на 500 волонтери и целосна логистика.
Натпреварите во Куманово започнуваат на 21 јули со кошаркарски натпревари во спортските сали, а следниот ден, на 22 јули, ќе се одржи хронометар трка со почеток од 10:00 часот. Во наредните денови ќе следат и трките во планински велосипедизам и друмски велосипедизам, како и натпреварите на нашите репрезентации.
Претставничката на Извршниот комитет на ЕМОФ, Лини Рут Халдерсдотир изрази задоволство од напредокот, направен во Куманово за релативно краток период.
-Дојдовме тука да ги разгледаме салите и сместувањето за спортистите, бев тука пред неколку месеци и морам да кажам дека промените и напредокот направени за овој краток временски период се извонредни. Сигурна сум дека сите спортисти и претставници кои ќе бидат тука ќе бидат задоволни што се сместени во Куманово и сигурна сум дека градот ќе ги пречека младите спортисти, рече таа.
Организаторите очекуваат повеќе од 4.000 спортисти од над 50 европски земји.