Во Куманово денес се одржа панел-дискусијата „Магичниот пресврт – ‘Што научи?’ или ‘Што доби?’“ како дел од националната кампања „Магијата е во знаењето“ на Министерството за образование и наука. Настанот ја отвори дискусијата за тоа како оценките треба да функционираат во современото образование – не како крајна цел, туку како поддршка на напредокот, љубопитноста и развојот на учениците.
Државниот секретар во Министерството за образование и наука, Елена Ивановска, истакна дека новото време бара нови начини на учење и оценување, системи што го препознаваат реалното знаење и креативниот потенцијал на секое дете. „Наместо да ги третираме оценките како пресуда, треба да ја нагласиме суштината – што ученикот навистина научил, што разбрал и како го применува тоа знаење. Целта е градење образование што го вреднува трудот, напредокот и љубопитноста“, изјави таа.
Милка Тримчевска, директорка на Бирото за развој на образованието, посочи дека наставниците се главните носители на позитивни промени во училиштата. Според неа, ваквите дискусии создаваат средина за размена на практики и идеи што им помагаат на наставниците подобро да го препознаат потенцијалот на секој ученик.
Учествуваше и директорот на СОУ „Сами Фрашери“ – Куманово, Нагри Реџепи, кој нагласи дека училиштата не смеат да останат ограничени на високите оценки како единствена цел. „Напредокот на секој ученик, неговата индивидуална мотивација и развој — тоа треба да е фокусот“, рече тој.
Одделенската наставничка Хилда Димитриевска од ООУ „Крсте Мисирков“ говореше за важноста на поддршката и охрабрувањето во процесот на учење, додека наставничката Даниела Стојановска од ООУ „Христијан Карпош“ потенцираше дека училиштата мора да создаваат средина во која децата слободно размислуваат, поставуваат прашања и развиваат критичко мислење.
Во дискусијата учествуваше и родителот Иван Нацевски, кој истакна дека родителите имаат големо влијание врз тоа како децата го доживуваат оценувањето. „Кога постојат доверба и поддршка, оценката станува мотивација – а не извор на страв“, нагласи тој.
Настанот е дел од серијата панел-дискусии во рамки на кампањата „Магијата е во знаењето“, чија цел е да ја истакне улогата на наставниците во современото образование и нивниот придонес во развојот на учениците и заедницата.
