На денешен ден во кината пристигна култниот филм The Godfather, кој и денес важи за едно од најголемите остварувања во светската кинематографија. Режиран од Francis Ford Coppola, по романот на Mario Puzo, филмот ја раскажува приказната за мафијашкото семејство Корлеоне и нивниот водач дон Вито, кој го толкува легендарниот Marlon Brando.
Премиерно прикажан во март 1972 година, филмот брзо стана светски хит и освои три Оскари, вклучувајќи ја и наградата за најдобар филм. Покрај Брандо, во актерската екипа се истакнаа и Al Pacino, James Caan, Diane Keaton и Robert Duvall.
Дејството ја следи фамилијата Корлеоне во период од неколку години, прикажувајќи ја нивната моќ, влијание и внатрешни односи. По одбивањето на дон Вито да влезе во трговија со дрога, следува обид за атентат кој ја вовлекува фамилијата во суров конфликт со ривалските кланови. Овој пресврт го менува текот на приказната и го става во фокус Мајкл Корлеоне, кој постепено се трансформира од дистанциран млад човек во безмилосен лидер.
Успехот на филмот доведе до создавање на продолженија, The Godfather Part II и The Godfather Part III, со што се заокружи една од најпознатите филмски трилогии. Вториот дел често се смета за рамноправен или дури подобар од оригиналот, додека третиот го прикажува обидот на постариот Мајкл да го легализира семејниот бизнис, но без да избега од минатото.
Оваа трилогија и денес се смета за едно од најзначајните дела во историјата на филмската уметност и има огромно влијание врз генерации режисери и љубители на филмот.