Културното наследство на Охрид претставено преку изложба на фотографии

Од 5-ти до 7-ми јули во Меморијалната куќа „Христо Узунов“ во Охрид, ќе се одржи Изложба на фотографии од голем формат од најзначајните културно историски локалитети и други аспекти на културното наследство од Охрид и на територијата на Република Македонија.

Основната цел на проектот е подобро запознавање и подигнување на јавната колективна свест за промоција, одржување и унапредување и афирмација на археолошките зони, културно историските споменици, религиозниоте објекти и сите други форми на културно наследство на нашата земја, кои се вистински сензации на изложбите во најголемите европски и културни центри.

Со оваа изложба се афирмираат неколку непобитни историски факти значајни за Република Македонија:

– Свети Климент на возвишението Плаошник над Охридското Езеро создал книжевна школа и универзитет со околу 4.000 посетители,

– исто како што македонските фрескосликари, во црквата во селото Курбиново, на брегот на Преспанското Езеро и во манстирот „Св. Пантелејмон“ во близина на Скопје, создале дела со кои, всушност, ја навестиле ренесансата.

– Она што е веќе откриено и заштитено во Стоби овозможува да се раскаже една цела оригинална приказна за објектите, вредностите и начинот на живеење во овој некогаш многу значаен град покрај Вардар и во средиштето на Балканот.

– Богатството на артефакти од Плаошник, Хераклеа и на уште голем број археолошки локалитети сведочат за густината на творечките вредности, култури и религии на оваа наша почва.

– Фреските, иконите, резбите и иконостасите од Бигорскиот манастир на прочуените протомајстори Макарие Фрчкоски, Димо Гарката, Дичо Зографот и плејадата нивни ученици и соработници во XIX век се сведоштва за нивниот раскошен, индивидуален авторски гениј.

Во 1996 година спомен куќата „Христо Узунов“ е прогласена за споменик на културата заради вредностите кои ги поседува како староградска охридска архитектура. Тогаш таа е и повторно отворена за посетители со нова концепција на постојаната изложба “Национално-ослободителното движење во Охрид и Охридско”, со документи и предмети поврзани со Илинденскиот период и воопшто со народноослободителното движење во овој крај, а реконструирана е и една спомен-соба посветена на револуционерот.

Покрај постојаната историска поставка, во оваа спомен-куќа во повеќе наврати се организирани и времени изложби од областа на историјата, историјата на уметноста, конзервацијата како и повеќе научни собири и симпозиуми.

Изложбата е во реализација на “Медиа Броадцастинг“, a со подршка од Министерството за култура.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни