Синдикатот на културни работници на Македонија денеска соопшти дека се приклучува на протестот на ССМ за повисоки плати закажан за в среда.
Оттаму, додваат дека изминатата 2025 година, како и почетокот на 2026 година, се обележани со низа сериозни и загрижувачки случувања во културата.
„Од системско непочитување на Колективните договори, преку намалување на платите на културните работници за 3%, до целосно игнорирање на законските обврски од страна на Министерството за култура.
Сведоци бевме на апсурдни состојби: поднесени над 800 тужби од вработените во културата, игнорирање на повеќе од 20 судски пресуди добиени во корист на културните работници, носење упатство за пресметка на плати по самоволие на министерот, како и иницијатива пред Уставниот суд за оценка на уставноста на Колективниот договор за култура. Дополнително, беа донесени неуставни закони со кои директно се укинуваат Колективните договори во делот на утврдувањето на платите, а самоволието на министерот и на одредени директори стана секојдневна практика.
Сето ова претставува директна и континуирана штета врз вработените во културата и врз самата културна дејност. На 28.01.2026 година, ССМ организира протест за зголемување на минималната плата и на сите останати плати. СКРМ го подржува протестот и има многу причини за протест. Затоа, колеги, ова не е никаков апел.
Ова е директен повик. Повик за отпор против самоволието, повик за почитување на законите и судските одлуки, повик за заштита на трудот и заштита на Колективните договори. Повик разумот да биде посилен од надменоста на функцијата“ стои во соопштението на СКРМ.
