На 30 октомври во 20.00 часот во КСП Центар-Јадро ќе се одржи разговор на македонскот визуелен уметник Дарко Алексовски со Ана Франговска, кураторка и историчарка на уметност.
,,Поттикнати од фактот дека на нашата сцена сме постојано соочени со недостаток на континуитет на структурирана анализа и историографија на работата на нашите визуелни уметници и дизајнери, во 2020 година ја започнавме серијата разговори и презентации на визуелни уметници, графички дизајнери и видео уметници од Македонија” велат од Јадро.
Она што им е особено важно, додаваат е да ги поттикнат авторите да проговорат за своите дела, креативниот и технички процес, како и за состојбите во кои тие создаваат.
,,Многу наши визуелни уметници имаат богата продукција и под тешки услови успеваат да ги изложат своите дела на релевантни локални и меѓународни изложби. Во периодот од 2020 до 2023 година реализиравме 25 разговори кои беа документирани со видео и потоа транскриптите од разговорите беа публикувани во книгата „Во дијалог“. Оваа година, наша цел е да продолжиме со разговорите преку избор на визуелни уметници од различни генерации, кои континуирано се присутни на локалната и меѓународната уметничка сцена, и за кои сметаме дека со своите дела, темите кои ги обработуваат, и авторскиот интегритет се релевантни до денес” велат од Јадро.
Изборот на авторите и разговорите е реализиран и модериран од историчарката на уметност и кураторка, Ана Франговска.
Дарко Алексовски (1989) е визуелен уметник кој живее и работи во Велес, РС Македонија. Додипломски и постдипломски студии завршил на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, a како уметник досега гостувал на неколку резиденциски програми во Виена, Франкфурт, Скопје, Линц, Сплит и Дубровник.
Од позначајните учества на групни меѓународни изложби се издвојуваат „IN-SITU: Artistic Positions on Endangered Biodiversity and the Coexistence of Species“, < ротор > Центар за современа уметност (Грац, 2024), „EX-SITU: Artistic Positions on Endangered Biodiversity and the Coexistence of Species“, Национален музеј на Босна и Херцеговина (Сараево, 2024), „Сè што ни е заедничко“, Музеј на современата уметност (Скопје, 2023), „You Can’t Discourse Without Disco: завршна програма на WHW Akademija 2022“, Галерија Нова (Загреб, 2022) и „55. Oktobarski Salon – Disappearing Things“, Музеј на град Белград (Белград, 2014).