Културна ренесанса во Македонија – мит или реалност? (втор дел)

Дали културата во Македонија е на апарати или е жива и во одлична кондиција? Со тек на времето, сè појасно станува дека во Македонија, малку по малку, се оформува нова културна сцена. Без сцена нема уметници, исто како што без уметничка заедница нема уметнички генијалци. Оваа теза е позајмена од брилијантниот ум на Брајан Ено, кој зборообразува кога го создава терминот „SCENIUS“ (Scene + Genius). Преку SCENIUS, Ено пробува да илустрира како генијалните умови во уметноста не се развиле во вакуум, туку биле дел од потесен колектив, како и од поширока заедница, што им помогнало да црпат инспирација и мотивација преку соработката со различни луѓе со слични аспирации.

Така, делата на Салвадор Дали не се само резултат на бесконечни часови цртање, туку и на неговото активно учество во тогашната уметничка сцена, која вклучувала имиња како Рене Магрит, Хоан Миро и Макс Ернст. Тој бил инспириран и од Пабло Пикасо, кој неколку години пред Дали ја посетил истата уметничка школа во Шпанија, од каде произлегле некои од најпознатите шпански уметници. Фасцинантното е во тоа колку успехот на одреден уметник може да биде предетерминиран од можноста или неможноста истиот да се најде на вистинското место.


Меѓу другото, белег на интернационалната сцена успеал да остави и македонецот Вангел Наумовски, за кого, при посета на неговата изложба во Париз, Дали изјавил дека е „сликар од бајките“. Историјата оставила примери, за тоа како се создаваат успешни креативни умови, а македонските креативни дејци храбро ги градат условите за сегашните, па и идните, уметнички пионери да имаат средина во која ќе можат да творат и да се инспирираат.

Градот станува галерија: Кои се новите културни жаришта?

За почеток, невозможно е да не се спомене новиот културен центар во Скопје – Лабораториум, кој во изминатата година има организирано повеќе културни настани отколку што има денови во годината. Луѓето не само што имаат можност да ги претстават своите креативни дела во Лаб, туку можат и да го користат просторот за нивно создавање. Тимот на Лабораториум ги заслужува сите пофалби за успешното рециклирање на еден култен простор, поранешната печатница на весникот Нова Македонија, со што главниот град доби една оаза на културата во срцето на градот.

Комшилук е уште еден пример кој обединува креативци под еден чадор. Овој фестивал, кој првпат се одржа минатата година во скопската населба Железара, го претвори станбениот комплекс од згради на пет нивоа во уметничка сцена, каде што беа изложени разни дела и одржани бројни перформанси. Лично сметам дека меѓу најинспиративните моменти беше театарскиот перформанс, што ги искористи балконите како сцена, а соседските разговори како тема, за да ја истражи динамиката меѓу „градот и провинцијата“. Комшилук е фестивал, што ја има најдено перфектната комбинација помеѓу формата и содржината, покажувајќи како горливи теми во општеството можат да бидат креативно обработени на современ начин.

Трет сличен проект е мултидисциплинарниот фестивал Вртешка, кој веќе неколку години собира домашни и странски уметници во планинарскиот дом кај селото Вртешка, близу Штип. Преку создавање на соодветни услови во природа, присутните можат да се во интензивен контакт со креативниот процес, овозможувајќи им на посетителите, на еден органски начин, да дојдат до долгорочни креативни соработки. Изолацијата и нудењето на сигурен простор за творење и инспирирање го прават фестивалот културен инкубатор каде уметниците можат да работат на нивната креативна дејност. Ехото од работата во планинарскиот дом близу Штип, тек допрва ќе се слушне во годините што следат.

Заедништво во музиката: Допе Куќата

Не помалку важно е да се спомене и неуморната работа на музичкиот колектив Допе Куќата, под ,,диригентската палка“ на Лукс Кмала. Создавајќи со истрајност и истражувајќи со смелост, тие изградија свој автентичен звук, веќе инспирирајќи и нови генерации на рапери. Иако зборот „еклектичен“ премногу често е употребуван во овој контекст, токму тој најпрецизно го опишува нивниот пристап. Стилот на групата не би можел да ја заземе таа форма без шареноликоста која доаѓа од членовите, па така тие се пример за тоа како уметничките разлики можат да бидат обединети за одредена цел. Секој од нив има свое „форте“, кое, во зависност од типот на песната, испливува на површина и е воедно нештото што им овозможува да излезат од конвенционалното. Во време на поединечни уметнички проекти, освежувачки е да се види дека музички колектив може да опстане повеќе од десет години.

За крај би констатирал дека пред очи ни се создава нова македонска културна сцена, покажувајќи дека македонската култура се развива и тек допрва ќе се расцветува. Уметниците и креативните дејци наоѓаат начини како да создаваат и промовираат дела. На нас останува барем да се заинтересираме и да видиме дали нешто од овој нов културен бран е по наш вкус.

Авторот е политиколог и истражувач

* Колумните се лични ставови на авторите.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни