LOOM: Културата меѓу кафуле и фестивал

Културата меѓу кафуле и фестивал: што недостига во секојдневието ?

Во последните години, културата сè почесто ја среќаваме како настан, а сè поретко како навика. Таа се појавува во кратки, интензивни форми (фестивали, концерти, спектакли) или, пак, се разлева низ секојдневието како позадински шум, сведена на поминување време во кафулиња. Но, меѓу тие две крајности постои празнина: простор каде културата не се консумира ниту се слави повремено, туку се живее, се учи и се гради секој ден.

Кафулето е форма на пасивна социјализација, каде културата најчесто е само форма на декор. Фестивалот, пак, е интензивен културен чин: концентрирано искуство, колективна еуфорија, кулминација. И двете имаат своја улога. Но, меѓу нив недостига континуитетот – просторот каде културната пракса се повторува, се развива и се пренесува.

Еден од малкуте примери во градот што ја третираат културата како секојдневна пракса, а не како повремен настан, е музичкото училиште и кафуле LOOM – хибриден простор кој истовремено функционира како место за учење, создавање и неформално дружење. Не како спектакл, туку како процес.

Како што објаснува Марко Василевски, музичката изведба низ историјата речиси секогаш го следела форматот и контекстот на општеството во кое настанува. „Најчесто, таа се адаптира на доминантните општествени услови и потреби“, вели тој. Но, моментот кога музиката престанува само да одговара на контекстот и започнува активно да влијае врз вредносното, културното и цивилизациското издигнување на заедницата, е моментот кога таа добива статус на вистинска музичка – и пошироко, општествена култура.

Но, музичката изведба не завршува со аплаузот. И токму во тој простор меѓу адаптацијата и влијанието се позиционира LOOM. Наместо да ја следи постоечката културна побарувачка, просторот се обидува преку музичка практика, едукација и заедничко искуство да создаде повратен бран – процес во кој музиката повторно станува активен чинител во културното и општественото обликување на заедницата. Едукацијата не е одвоена од сцената и не е насочена кон еден настап, туку кон развивање долгорочна пракса на свирење, слушање и мислење за музиката.

За Василевски, културната пракса е суштински различна од културниот настан. „Настанот се случува и завршува; праксата се повторува, се надградува и создава навики – и кај луѓето што учествуваат, и кај заедницата околу неа“, вели тој. Во LOOM, таа логика се спроведува доследно: концертите, едукативните активности, слушачките сесии и неформалните средби не се изолирани сегменти, туку делови од ист екосистем во кој музиката функционира како жив јазик.

Иако визијата е јасно поставена, LOOM сè уште е во фаза на градење. Просторот, програмата и заедницата се оформуваат чекор по чекор, преку реална пракса и живо искуство. Во тој контекст, Василевски не го гледа LOOM како изолиран исклучок, туку како пример дека ваков модел е можен кога постојат визија и континуитет. Но, ваквите простори не треба механички да се реплицираат: идејата не е во умножување исти модели, туку во создавање мрежа на различни простори што ја разбираат културата како пракса, а не како настан.

Прашањето за пристапноста и вреднувањето на културниот труд е уште една клучна точка. „Пристапноста не значи бесплатност“, нагласува Василевски. Кога културата постојано се нуди бесплатно, таа несвесно се третира како нешто без реална вредност. Границата се преминува во моментот кога „достапно“ почнува да значи „неплатено“. Културниот труд е реален труд (со време, знаење, искуство и одговорност) и мора да биде вреднуван за да биде одржлив. Во спротивно, културната сцена се сведува на ентузијазам што со време се троши.

Во LOOM, таа рамнотежа се бара внимателно: дел од форматите се бесплатни или со симболична цена, а други се платени – не како форма на исклучување, туку како признавање дека културата има вредност. Културата треба да биде достапна за сите, но не смее да биде евтина – ниту во смисла на содржина, ниту во смисла на труд.

Сето ова би било невозможно без соработниците и предавачите што ја градат приказната од самиот почеток, во фаза кога ништо не е целосно оформено. Нивната доверба и солидарност, како што нагласува Василевски, носат и поголема одговорност: да се создадат услови во кои културниот труд ќе биде вреднуван и одржлив, а великодушноста ќе остане гест, а не нужност.

Скопје сведочи експанзија на кафе-простори, додека бројот на фестивали (особено оние со јасен културен и уметнички концепт) се намалува или опстојува со мака. Тоа не е само прашање на вкус или тренд, ниту пак прашање што се однесува исклучиво на „младите“. Културата и музичкиот интерес се прашање на јавно добро, на колективна одговорност и долгорочно вложување. Општество што нема секојдневна културна пракса, тешко може да создаде публика, сцена и автори што ќе траат.

Алтернативната музичка и културна сцена не се гради со повремени фестивалски настапи, ниту со задоволување со мејнстрим понуда. Таа подразбира процес: учење, експериментирање, грешки и повторување. Бара време и простор. Културата не е мода, исто како што сцената и разбирањето на музиката не се мода. Не станува збор за увезување на модерноста или за „пакување“ на домашните идеи за странски пазари, туку за создавање сопствен јазик, сопствени жанрови и сопствен контекст.

Тоа е поука што како општество допрва треба колективно да ја прифатиме: градењето култура не започнува на бината, туку многу порано: во училници, проби, мали настани и разговори. И ако сакаме сцена што ќе трае, мора да почнеме да вложуваме во секојдневието, во просторите, луѓето и практиките што ја прават културата жива, секој ден.

Можеби проблемот не е што немаме доволно фестивали, туку што немаме доволно култура помеѓу нив.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни