Живееме во општество во кое културата сè уште се третира како прашање на вкус, лична склоност или „субјективно чувство“, наместо како збир на вредности, однесувања и граници што го одредуваат јавниот дискурс. Културата ретко се разбира како објективна потреба и темел без кој јавниот живот се распаѓа. Со години дозволивме таа да се релативизира, да стане заменлива и лесно отфрлива. Паралелно со тоа, почнавме да глорифицираме содржини и појави без суштинска вредност, додека знаењето, трудот, мислата и длабочината ги прогласивме за здодевни или непотребни.
Така се создаде парадоксот во кој живееме: сè што е лесно и површно станува видливо и прославено, а сè што бара внимание и одговорност останува на маргините.
Сѐ додека ни е тешко да одвоиме пари за книга, театар или изложба, а ни е сосема природно да ги оставиме на маса за уште едно шише алкохол, културата навистина ќе ни изгледа „евтина“. Не затоа што нема вредност, туку затоа што така сме одлучиле да ја третираме. И сѐ додека без размислување плаќаме за ноќен живот, а со воздивнување за културен настан, ќе живееме во општество што се забавува на сопствена сметка и ја плаќа цената подоцна.
Културата не е хоби. Таа не е викенд-активност, ниту украс на градот. Културата е идеологија. Таа е збир на вредности, норми и симболи што директно го обликуваат јавниот дискурс, начинот на кој зборуваме, слушаме, расправаме и одлучуваме. Културата одредува дали аргументот ќе биде посилен од навредата, дали знаењето ќе биде поважно од самоувереното незнаење, дали јавниот простор ќе биде место за дијалог или апсурд.
Апсурдот е што културниот симбол денес сè почесто не е оној што знае и создава, туку оној што најгласно зборува: без знаење, без контекст и без одговорност. Најголемиот срам, всушност, не е нешто да не се знае. Срамот почнува таму каде што исчезнува самосвеста дека незнаењето не е доблест. Каде што човек не само што не знае, туку одбива да признае дека не знае. Каде што самодовербата се гради врз празнина, а гласноста се меша со авторитет.
Дополнително, суштински проблем е односот што го имаме кон културниот труд. Со години ја изедначуваме достапноста со бесплатноста, како да станува збор за иста вредносна категорија. Но тие не се синоними. Достапната култура не значи обезвреднување. Истовремено, таа не значи ни институции што опстојуваат на грбот на граѓаните, а веќе се финансирани од јавни средства.
Културата бара континуирано вложување, стабилни услови и системска грижа, затоа што само така се гради општество што знае да препознае вредност, а не само да консумира содржина. Во спротивно, јавниот простор го препуштаме на појави што глорифицираат кич и разврат, додека без проблем го валидираме нивниот „труд“, а вистинскиот културен напор останува на маргините.
Културата не е мода, исто како што сцената и разбирањето на културата не се мода. Не станува збор за увезување модерност или за „пакување“ идеи за странски пазари, туку за создавање сопствен јазик и сопствен контекст. Без тоа, сè што останува е имитација, видлива, но празна.
И затоа некултурата ни е прескапа. Ја плаќаме со плиток јавен говор, со агресивна комуникација, со институции без легитимитет и со генерации што не знаат како да водат разговор, а камоли општество. Ја плаќаме со нормализација на кичот, со исмевање на знаењето, со сомнеж кон секој што размислува подлабоко.
Сѐ додека јавниот дискурс го водат луѓе без основна општа култура, без навика за читање, без историски и контекстуален увид, без елементарна способност за саморефлексија, ова општество ќе кружи во истите плитки расправи. Не затоа што нема талент, туку затоа што нема вредносен компас.
Културата не пропаѓа затоа што е недостапна. Таа пропаѓа затоа што е потценета. А некултурата не доминира затоа што е силна, туку затоа што ѝ дозволивме да стане стандард.
Прашањето, на крајот, не е дали имаме пари за култура. Прашањето е дали имаме волја да живееме во општество што мисли, слуша и се коригира. Затоа што културата секогаш е поевтина од последиците на нејзиното отсуство.
