Новата илустрирана книга „Кукла“ носи нежна приказна за младите читатели

„Кукла“ е нова илустрирана книга за деца од Мирјана Димова, што носи нежна, соновна и визуелно впечатлива приказна.

Од печат денеска излезе новата илустрирана книга за деца „Кукла“ од авторката Мирјана Димова. Книгата носи нежна и поетска приказна за Лидија, во која на суптилен и визуелно силен начин се вкрстуваат суровоста на природата, внатрешната топлина на детето и неговата имагинација.

Приказната е истовремено кревка и соновна, а низ неа се отвораат теми како осаменоста, убавината и тивката отпорност. „Кукла“ е замислена како визуелно-евокативно искуство, кое не се задржува само на текстот, туку се гради и преку илустрацијата како рамноправен дел од раскажувањето.

Илустрациите во книгата ги изработи Билјана Билбилоска, визуелна и мултидисциплинарна уметница која повеќе од десет години работи во областа на илустрацијата. Нејзиното портфолио вклучува соработки со домашни и странски издавачки куќи, а во последните три години активно е вклучена и во издавачка дејност во Мериленд, САД. Дипломирала и магистрирала на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, а моментално е на постдипломски студии на институтот ИНАЛКО во Париз.

Авторката Мирјана Димова е родена во Битола. Високото образование го завршила на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, на департманот за е-бизнис, а студирала и на Hochschule für Technik und Wirtschaft во Берлин. Со пишување почнала на 18-годишна возраст, а денес живее и работи во Скопје.

Книгата се издвојува и по својата невообичаена димензија, што дополнително ја засилува нејзината визуелна и наративна атмосфера. Наместо класичен формат, „Кукла“ нуди поинакво, речиси синематично искуство за младите читатели.

Лектурата на изданието е на Јасмина Кантарџиева Димков.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни