„Куќата на порцеланот“ – поетика на трудот и меморијата во делата на Филип Фидановски

Изложбата се реализира во соработка со Народен музеј Велес и НУ. Театар „Јордан Хаџи Константинов-Џинот“ – Велес  и е подежана од Министерството за култура и туризам, Комерцијална банка, Дајнерс клуб, Скопска пивара, Винарија Тристо и фото студио Метеор.

Во контекст на современата македонска уметничка сцена, „Куќата на порцеланот“ е редок пример на естетска реконекција со индустриското минато и сензибилен коментар за сегашноста. Фидановски создава современа митологија каде фабриката станува метафора за дом, трудот за поезија, а предметот за сведоштво.

Неговите дела, обликувани од тишината на минатото, зрачат со ново значење, отворајќи дијалог меѓу меморијата, материјата и светлината. Со оваа изложба, Фидановски го позиционира порцеланот како концептуален медиум на културно сеќавање – простор каде документот и сонот се спојуваат во единствена визуелна мисла.

„Куќата на порцеланот“ станува алегорија на создавањето: чин на оживување на формата и чин на почит кон луѓето, местата и времето што ја обликувале нашата културна топографија.

Филип Фидановски (роден 1977, Скопје, некогагашна Социјалистичка Република Македонија, СФР Југославија) е современ уметник, керамичар со повеќе од три децении активна работа во областа на уметноста, образованието и културниот развој. Живее и работи во Скопје.

Неговиот интерес кон керамиката и визуелните уметности се појавил уште во младоста. Во 1996 година дипломирал како ликовен техничар за керамика во средното уметничко училиште „Лазар Личеноски“ во Скопје, а потоа студирал на Националната уметничка академија во Софија, Бугарија. Под менторство на проф. Красимир Џидров, дипломирал во 2002 година како керамичар и професор по уметност, а во 2004 година магистрирал на истата катедра.

Неговата професионална кариера е богата и разновидна. Од 2003 до 2010 година бил доцент на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, а во периодот 2002–2006 работел и со Музејот на Македонија како соработник во ателјето за музејски копии и во одделението за едукација. Од 2008 до 2022 година предавал дизајн и технологија на керамика во „Лазар Личеноски,“ а во 2020–2021 година бил и директор на оваа институција. Како претседател на Друштвото на ликовни уметници на Македонија (2019–2022) и член или претседател на бројни комисии и жирија, активно придонесувал за културниот живот. Во 2023 година бил член на комисијата за визуелни уметности при Министерството за култура.

Фидановски е активен член на повеќе професионални здруженија: Здружението на керамичари на Македонија – ИСКОН, ДЛУМ (до 2022), Друштвото на ликовни уметници на Тројан (Бугарија), постојан член на керамичката колонија во Племениташ (Хрватска), како и почесен член на хрватското здружение „Керамеикон.“

За својата работа има добиено бројни награди, меѓу кои: наградата за скулптура на ДЛУМ (2018), „Константин Мазев“ за мал формат (2018), „Димо Тодоровски“ за скулптура во мал формат (2015), „Јордан Грабул“ за скулптура (2007) и бронзената плакета на Интернационалното биенале за керамика во Каиро (2000).

Делата на Фидановски се претставени на повеќе од триесет самостојни изложби во Македонија и во странство – во Скопје, Велес, Белград, Пула, Вараждин, Прага, Братислава, Софија – како и на бројни групни и жирирани изложби, меѓу кои биеналето во Белград и поставки во Каиро, Лиеж, Париз ,Прага и Братислава. Редовно учествува на интернационални уметнички колонии и симпозиуми: Ресен, Племениташ, Злакуса, Аранџеловац, Тројан, Монтана и други.

Покрај уметничката практика, има значајна улога и како автор на едукативни и истражувачки проекти. Подготвил прирачници и материјали за ликовно образование за основни училишта (2022–2023), наставни програми за средни уметнички училишта, како и монографии за институции и здруженија – 75 години ДЛУМ (2021) и 65 години ДСУПУ Лазар Личеноски (2010). Во 2015 година ја основал Младинската керамичка колонија во Вранештица, Кичево.

Неговиот опус вклучува керамика, скулптура, експериментален цртеж и мултимедијални инсталации. Со силно чувство за форма, материјал и симболика, неговото творештво ја поврзува древната традиција на керамиката со современите уметнички изрази, правејќи го еден од најзначајните македонски керамичари и визуелни уметници со меѓународен углед.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни