Search

Кукастите крстови врз куќите на Ромите е злосторство од омраза

Хелсиншкиот комитет за човекови права најостро го осудува случајот со пишување навредливи графити со кукасти крстови и натписи „Ѓупци“, испишани со црн спреј врз куќи на ромско население на улица Дебарска во Битола. Се работи за уште еден случај на злосторство од омраза, со порака кој упатува на повик за насилство кон ромската етничка заедница.

„Тргнувајќи од стремежот за градење соживот, толеранција и меѓусебно почитување без разлика на националната, етничката, религиозната или било која друга припадност, бараме надлежните институции, пред се’ Министерството за внатрешни работи и Обвинителството темелно да го испитаат случајот, да ги најдат сторителите, кои треба да одговараат за ова дело“, велат од Хелсиншкиот комитет за човекови.

Од таму очекуваат МВР и ОЈО правилно да го квалификуваат ова дело како дело од омраза. Меѓу другото, ќе поднесат кривична пријава и во иднина ќе ги следат сите активности што се преземаат во врска со случајот.

„Соодветната реакција од институциите во вакви моменти е од исклучително значење, бидејќи пропуштањето да се даде ефикасна заштита на жртвите на говорот и делата од омраза може да резултира со обесхрабрување на жртвите да бараат заштита, а охрабрување на сторителите да го повторат делото“, посочува Уранија Пировска од Хелсиншки.

Инаку, Хелсиншкиот комитет во изминатите години во неколку наврати алармираше за присуство на говор на омраза кон ромската заедница во Општината Битола и потребата за преземање на конкретни чекори за зголемување на свеста кај граѓаните за меѓу етничка, меѓу религиозна и меѓу културна толеранција и соживот.

Расното профилирање на Ромите и понатаму останува клучниот фактор кој го спречува еднаквиот пристап до добра и услуги и го засилува нивниот маргинализиран статус во општеството, децидни се од Хелсиншки. Токму поради сето ова, сметаат дека реални подобрувања се можни само преку значителна промена на односот на државните органи кон оваа заедница.

Најново

Последни колумни