Промената што кучето ја чувствува кај човекот – и како реагира на неа

Истражувањата покажуваат дека кучињата можат да го „преземат“ човечкиот стрес преку мирис, говор на телото и хормонски сигнали

Често се вели дека со текот на времето милениците почнуваат да личат на своите сопственици, но науката покажува дека таа сличност оди многу подлабоко од навиките и рутините. Истражувањата што ги пренесува Newsweek укажуваат дека кучињата можат директно да го почувствуваат – и да го одразат – нивото на стрес кај човекот со кој живеат.

Според експертите, врската меѓу човекот и кучето е толку силна што емоционалните состојби, особено напнатоста и анксиозноста, не остануваат само „внатрешни“. Кучињата, кои со векови еволуирале покрај луѓето, научиле да ги читаат нашите движења, тон на глас, па дури и биолошки сигнали што се менуваат кога сме под стрес.

Ветеринарката и истражувач Андреа Џ. Ту објаснува дека кучињата се развиле така што можат да препознаат суптилни промени во човековото однесување и физиологија. Кога човекот е под стрес, тоа може да се одрази и на емоционалната состојба на животното, па дури и да предизвика слични физиолошки реакции кај него.

Научните докази за оваа поврзаност се сè побројни. Една студија од 2024 година покажала дека срцевиот ритам на кучето и на сопственикот може да се усогласи. Истражувачите следеле 25 кучиња и нивните сопственици со ЕКГ уреди и откриле дека кога човекот е опуштен или под стрес, истата состојба често се појавува и кај животното.

Но, срцевиот ритам не е единствениот фактор. Хормоните играат значајна улога, особено окситоцинот и кортизолот. Врската меѓу кучето и сопственикот, според експертите, често наликува на односот меѓу мајка и дете. Јапонски истражувања покажале дека нивото на окситоцин кај луѓето може да се зголеми и до 300 проценти по само половина час интеракција со куче, што дополнително ја зацврстува емоционалната поврзаност.

Кучињата, исто така, имаат исклучително развиено сетило за мирис. Тие можат да забележат промени во хемискиот состав на човечкиот мирис, како и напнатост во мускулите или промени во држењето на телото. Според биhevиористката Мишел Бернстин, животните можат да развијат таканаречена „емоционална зараза“, при што ги преземаат емоциите на оние околу себе – и позитивни и негативни.

Освен однесувањето и хормоните, се истражува и можната врска меѓу цревниот микробиом и мозокот. Бидејќи луѓето и милениците често делат ист простор и слична средина, можно е одредени биолошки процеси поврзани со исхраната и стресот индиректно да влијаат и врз емоционалната состојба на животното.

Сепак, не сите кучиња реагираат исто. Чувствителноста зависи од расата, карактерот и длабочината на врската со сопственикот. Пастирските раси, на пример, кои се селективно одгледувани за соработка со човекот, често се почувствителни на човечки сигнали и побрзо реагираат на промени во расположението.

Експертите советуваат дека доколку сопствениците забележат зголемена напнатост кај своето куче, вреди да се погледне пошироко – не само во здравјето на животното, туку и во сопственото темпо на живот. Мирна рутина, стабилна средина, ментална стимулација и позитивен пристап се клучни и за човекот и за миленикот.

На крајот, кучињата не се само наши придружници – тие се и чувствителни „огледала“ на нашата емоционална состојба, што нè потсетува дека грижата за нив често започнува со грижата за самите себе.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни