Научниците конечно ги имаат одговорите за тоа дали кучињата сонуваат и доколку сонуваат за што сонуваат. Едно од најпознатите истражвуања за соновите на кучињата го спровеле научниците од Институтот за технологија во Масачусетс (МИТ).
Во ова истражување, кое било спроведено на стаорци, но е релевантно и за кучиња поради сличната структура на мозокот, научниците ги проучувале мозочните бранови на животните додека биле будни и ги споредувале со брановите додека спиеле.
Откриле дека обрасците на мозочните бранови за време на РЕМ фазата од сонот се идентични со оние кои животните ги имале додека биле будни. Тоа укажува дека стаорците сонувале за активности што ги имале во текот на денот.
Поради тоа што и кучињата имаат слична мозочна структура како и стаорците, заклучено е дека и кучињата веројатно сонуваат за своите дневни активности.
Според доктор Стенли Корен, автор на книгата „Дали кучињата сонуваат“, со оглед на тоа што и кучињата поминуваат низ истите фази на спиењето како и луѓето, вклучувајќи ја и РЕМ фазата, голема е веројатноста дека и кучињата сонуваат на сличен начин како и луѓето.
Иако не може со сигурност да се знае за што сонуваат кучињата, истражувачите веруваат дека нивните соништа се поврзани со нивните секојдневни искуства. Тоа значи дека вашето куче може да сонува за играта со омилената играчка, како трча во паркот или за тоа како го чува семејството.
Корен, познат психолог и експерт за кучиња, сугерира дека соновите на кучињата веројатно ги одразуваат активностите кои им се важни. На пример, кучињата кои помагаат во лов или чуваат стада, можеби сонуваат за извршување на своите задачи.
Слично како и луѓето и кучињата имаат и ноќни мори. Доколку вашето куче почне да негодува, ‘рже или да покажува знаци на страв додека спие, веројатно сонува нешто вознемирувачко.
Иако е природно да сакате да го разбудите за да го утешите, експертите советуваат да не го правите тоа, бидејќи кучето би можело нагло да се разбуди и да биде позбунето или исплашено. Наместо тоа, најдобро е да го оставите само да се разбуди.
Извор: Б92