Кубанската влада соопшти дека десет лица на глисер регистриран во Флорида, кои биле застрелани од кубанските безбедносни сили, биле вооружени Кубанци што живеат во САД и се обиделе да се инфилтрираат на островот со цел да извршат терористички активности. Според официјалното соопштение, четири лица биле убиени, шест ранети, а еден кубански офицер бил повреден откако глисерот навлегол во кубанските води и отворил оган.
Властите наведоа дека мнозинството од патниците имале „позната историја на криминални и насилни активности“. Меѓу идентификуваните се Амијаил Санчез Гонзалес и Леордан Енрике Круз Гомез, кои, според Хавана, се бараат поради наводна вмешаност во организирање и поддршка на терористички дејства. Уапсен е и Дуниел Ернандез Сантос, за кого се тврди дека бил испратен од САД за да обезбеди прием на „вооружената инфилтрација“.
Американскиот државен секретар Марко Рубио изјави дека Вашингтон собира информации за да утврди дали жртвите биле американски државјани или лица со привремен престој. Тој нагласи дека САД нема да се потпираат исклучиво на информациите од кубанските власти и дека случајот го истражуваат и Министерството за внатрешна безбедност и Крајбрежната стража на САД. „Ова не беше операција на американската држава“, додаде Рубио, одбивајќи да шпекулира за деталите.
Инцидентот се случил на околу 1,6 километри североисточно од Кајо Фалконес, покрај северниот брег на Куба. Кубанското Министерство за внатрешни работи соопшти дека истрагата продолжува додека целосно не се разјаснат фактите. Во меѓувреме, канцеларијата на американскиот обвинител за Јужниот округ на Флорида најави дека ќе бара одговори преку сите достапни правни и дипломатски канали.
Пукањето се заканува дополнително да ги зголеми тензиите меѓу САД и Куба. Односите се веќе влошени поради санкциите и новите економски мерки воведени од администрацијата на претседателот Доналд Трамп, вклучително и одлуката за воведување царини за земјите што испорачуваат нафта на Куба. Овој потег дополнително ја продлабочи енергетската криза со која островската држава се соочува во последните години.