Куба ја повика Латинска Америка да ги „збие редовие“: „Долу империјализмот!“

Кубанскиот претседател Дијас-Канел ги повика земјите од Латинска Америка на единство по американската воена операција и апсењето на Николас Мадуро во Венецуела.

Кубанскиот претседател Мигел Дијас-Канел во саботата ги повика земјите од Латинска Америка да ги „збијат редовите“ по американската воена операција и, како што ја нарече, „киднапирањето“ на венецуелскиот претседател Николас Мадуро, клучен сојузник на Хавана.

– Народи на Америка, да ги збиеме редовите! – изјави кубанскиот претседател на демонстрациите во Хавана, кои итно ги свика владејачката Комунистичка партија со цел да ја осуди „воената агресија“ на Вашингтон против Венецуела.

За време на протестите, одржани на плоштадот во главниот град, спроти американската амбасада, Дијас-Канел го осуди „бруталниот и подмолен напад“ што го покренал Вашингтон, како и „неприфатливото, вулгарно и варварско киднапирање“ на Николас Мадуро.

– Никој што има барем минимални информации не може да ги игнорира или потцени сериозните импликации од ваквите криминални дела врз регионалниот и глобалниот мир – додаде кубанскиот претседател, обраќајќи им се на неколку илјади луѓе, меѓу кои и венецуелскиот амбасадор во Хавана, Орландо Манеира.

„Куба и Венецуела, едно знаме!“ и „Долу империјализмот!“ скандираа демонстрантите, мавтајќи со знамињата на двете земји.

Американскиот државен секретар Марко Рубио во саботата изјави дека кубанската влада треба да биде загрижена по апсењето на Мадуро.

– Да живеев во Хавана и да бев дел од владата, барем малку ќе бев загрижен – изјави тој на прес-конференција во Флорида, заедно со американскиот претседател Доналд Трамп.

Тој додаде дека „Куба е катастрофа“ и дека ја водат „некомпетентни и сенилни луѓе“.

Од враќањето во Белата куќа во јануари, Доналд Трамп го зголеми притисокот врз Куба, земја која повторно ја вклучи на американската листа на „држави спонзори на тероризмот“, што значително ја отежнува трговијата и инвестициите.

Соединетите Американски Држави во саботата ја нападнаа Венецуела и го заробија Мадуро, откако Трамп со месеци вршеше притисок врз него поради обвинувања за шверц на дрога и недостаток на легитимитет.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни