„Се чувствував како да сум мајка повторно“, раскажува таа. „Го гледав тоа меко, беспомошно суштество и само знаев – ќе направам сè за него.“
И Лакос не е единствена. Денес, милиони луѓе ширум светот ги гледаат своите миленици – особено кучињата – не само како другари, туку како вистински членови на семејството. Ги нарекуваат „крзнени бебиња“, им купуваат облека, ги носат на одмори, а понекогаш дури и инвестираат во куќи со поголеми дворови само за тие да имаат каде да трчаат. Но што се крие зад оваа интензивна поврзаност?
Науката има одговор – и тој датира од пред 20.000 до 40.000 години, кога волците првпат почнале да живеат покрај луѓето. Преку милениуми припитомување, кучињата се развиле не само да не разбираат и следат, туку и да предизвикуваат ист вид емоционална реакција како што тоа го прават човечките деца.
Истражување од Универзитетот Харвард открива дека кога мајки гледаат фотографии од своите деца и своите кучиња, истите делови од мозокот светнуваат – вклучително и амигдалата, таламусот и хипокампусот, кои се клучни за емоции, меморија и социјална поврзаност. Тоа значи дека мозокот реагира на кучето со слична доза на љубов и заштитнички нагон како на човечко дете.
И уште нешто: хормонот окситоцин, познат и како „хормон на љубовта“, се зголемува кога се гледаме со нашето куче, кога го галиме или кога ни се умилкува – токму како кога држиме новороденче во раце. Токму тој хормон е заслужен за длабокото чувство на поврзаност и потреба да се грижиме за нив.
Кучињата, всушност, се еволутивно обликувани да нè потсетуваат на бебиња: со големи очи, округли глави и способности да прават изрази на лицето што наликуваат на човечки емоции – љубопитност, тага, среќа. Овие визуелни и емоционални знаци се дел од тоа зошто толку често реагираме со реченици како: „Изгледа како бебе!“
На крајот, кога некој ќе каже: „Тие ми се како деца“, тоа не е само сентимент – тоа е резултат на длабоки биолошки процеси што нè тераат да се врзуваме. Како што вели д-р Закари Силвер, директор на Лабораторијата за кучешка когниција:
„Кучињата го киднапирале нашиот систем за грижа. Тие не се само миленици – тие се семејство.“
За Алисон Лакос, тоа е едноставно: „Мојот дом не е дом без нив.“
Извор: National Geographic