Нов, едноставен крвен тест со боцкање на прст, кој може да се користи и во домашни услови, покажува значаен потенцијал за рано откривање на Алцхајмеровата болест, покажува нова европска студија.
Методот, кој засега сè уште не е достапен за клиничка употреба, би можел во иднина да им овозможи на луѓето самостојно да земаат примерок од крв дома и да го испраќаат во лабораторија, со што би се зголемила достапноста на тестирањето и би се отстраниле дел од бариерите поврзани со дијагнозата на најчестиот облик на деменција.
Студијата е предводена од Banner Health во соработка со Универзитетот во Ексетер, а во неа биле опфатени 337 испитаници од седум истражувачки центри во Европа, меѓу кои Данска, Италија, Шпанија, Шведска и Обединетото Кралство.
Во истражувањето биле вклучени лица без когнитивни нарушувања, лица со лесно когнитивно оштетување, пациенти со деменција, како и возрасни лица со Даунов синдром, група со зголемен генетски ризик за развој на Алцхајмерова болест.
Истражувачите земале неколку капки крв од врвот на прстот на учесниците, кои биле сушени на специјална картичка, а потоа резултатите биле споредени со стандардни крвни анализи и анализи на цереброспинална течност.
Резултатите, објавени во научното списание Nature Medicine, покажале дека клучните маркери за дијагноза на болеста во тестот со боцкање на прст многу блиску се совпаѓаат со резултатите од конвенционалните методи, при што новиот тест идентификувал промени поврзани со болеста со точност од 86 проценти.
Фокусот на истражувањето бил ставен на три крвни биомаркери поврзани со Алцхајмеровата болест: p-tau217, главен дијагностички маркер; GFAP, индикатор за воспаление во мозокот; и NfL, кој укажува на оштетување на нервните клетки.
„Ова откритие може суштински да го промени начинот на кој се спроведуваат истражувањата за Алцхајмеровата болест, бидејќи покажува дека истите биомаркери што лекарите ги користат во дијагностиката можат да се измерaт преку едноставен тест со боцкање на прст, земен дома или во оддалечени заедници“, изјавил Николас Ештон, водечки истражувач и директор на програмата за течни биомаркери во Banner Health.
Иако клиничката примена е сè уште оддалечена неколку години, Ештон нагласи дека методот отвора можности за истражувања кои досега биле невозможни, особено за вклучување на разновидни и недоволно застапени популации, како и за спроведување на големи скрининг-програми.
Според податоците на Европскиот мозочен совет, околу 7 милиони луѓе во Европа моментално живеат со Алцхајмерова болест, а се очекува бројот на случаи да се удвои до 2030 година.
Истражувачите потсетуваат дека најчестите дијагностички методи денес вклучуваат мозочни скенирања или лумбална пункција, кои се инвазивни, скапи и достапни само во специјализирани центри.
„Се движиме кон иднина во која секој, каде било, ќе може да придонесе за унапредување на знаењето за мозочните болести. Ова не е само технички напредок – туку промена на парадигмата во начинот на кој ја спроведуваме невронауката“, изјавила Ен Корбет, професорка по истражување на деменција на Универзитетот во Ексетер и коавторка на студијата.
