„Крвавиот дворец“ во Хрватска добива нов сјај, реконструкцијата ќе заврши во 2026 година

Еден од најубавите и најинтересните дворци во околината на Загреб е дворецот Ердеди во Керестинец. По децении запуштеност и заборав, овој историски споменик наскоро повторно ќе заблеска, пренесува Pun kufer.

Обновата започна со конструктивна реставрација и сега е во полн ек. Градот Света Недела обезбеди речиси 14 милиони евра од европските фондови за целосна реконструкција, а се очекува дворецот, како споменик на културата од прва категорија, да биде комплетно обновен до март 2026 година. Со завршената реконструкција, овој културен бисер ќе стане клучен центар на културниот живот во регионот на Света Недела.

Историја и значење на дворецот Ердеди

Дворецот Ердеди има историски значајно минато, со најстарите делови кои датираат од првата половина на 16 век. Првично бил изграден од банот Матија Гереб меѓу 1483 и 1489 година, а од почетокот на 16 век до 1922 година бил во сопственост на аристократското семејство Ердеди. Петар II Ердеди ја купил куријата од Петар Херешинац и ја проширил во тврдина со четири кули, опкружена со ров исполнет со вода од потоците Сребрњак и Коренјак. До главниот влез водел подвижен мост што се подигал со ланци.


Во 1852 година, дворецот преминал во сопственост на семејството Палавичини, кое извршило значителни промени. По земјотресот во Загреб во 1880 година, имотот бил продаден на семејството Тирк, кое го обновило северниот дел од фасадата и урнало две јужни кули. Подоцнежни сопственици биле семејствата Хафнер и Вошњак, а во 1922 година, дворецот го купил Антун пл. Михаловиќ, последниот хрватски бан од австроунгарскиот период.

Мрачната страна на дворецот: Логор и историски немири

Дворецот Ердеди има бурно и мрачно минато. За време на Втората светска војна, бил претворен во логор, каде што многу интелектуалци биле затворени и убиени при обид за бегство во 1941 година.

Историски, дворецот бил сведок и на значајни бунтови и народни востанија. Во 1573 година, бил едно од главните места на задушувањето на Селанската буна, додека во 1926 година таму се случиле масовни народни немири. Дури и за време на Домовинската војна, дворецот бил сведок на страшни воени злосторства.

Со тековната реставрација, дворецот Ердеди ќе добие нов живот, зачувувајќи го своето историско наследство, но и отворајќи нови можности за културен и туристички развој на регионот.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни