Најмалку 64 лица, меѓу кои и четворица полицајци, загинаа во жестока престрелка помеѓу полициските сили и припадници на локална криминална банда во Рио де Жанеиро, соопштија бразилските власти.
Според податоците на локалниот портал Globo, 81 лице е уапсено во рамки на голема специјална акција во фавелите на северниот дел на градот, по што дошло до долготрајна размена на оган.
Бандата, позната под името „Црвена команда“ (Comando Vermelho), се спротивставила на полицијата со автоматско оружје, запалени барикади и дронови опремени со експлозиви.
Во акцијата учествувале над 2.500 полицајци, што ја прави една од најголемите полициски операции во историјата на Бразил.
„Црвената команда“ е една од најстарите и најнасилни банди во Рио, која контролира неколку населби на северот на градот и е позната по трговијата со дрога и вооружените конфликти со полицијата.