Најмалку 73 лица го загубија животот во Мексико за време на обидот на државните сили да го уапсат озлогласениот водач на нарко-картелот Jalisco New Generation Cartel, како и во бранот насилства што следеше по неговата смрт, соопштија мексиканските власти.
Станува збор за Немаесио Осегера Сервантес, познат како „Ел Менчо“, еден од најбараните криминалци во Мексико и САД. Тој беше лидер на една од најмоќните и најбрзорастечки криминални мрежи во земјата, позната по шверц на фентанил, метамфетамин и кокаин кон американскиот пазар, како и по брутални напади врз безбедносни структури.
Според министерот за одбрана на Мексико, безбедносните сили ја следеле една од партнерките на Осегера Сервантес до неговото скривалиште во планинската област Тапалпа.
По обидот за апсење, Ел Менчо и двајца негови телохранители побегнале во шумска зона, каде што биле тешко ранети во вооружен судир со армијата. Тројцата биле уапсени, но починале на пат кон главниот град Мексико Сити, соопштија властите
Бран насилства во 20 држави
По неговата смрт, картелот одговорил со масовно насилство – блокирани патишта, запалени возила и координирани напади врз безбедносните сили.
Министерот за безбедност изјави дека 25 припадници на Мексиканската национална гарда загинале во шест одделни напади, околу 30 осомничени членови на картелот биле убиени во Халиско а уште четворица биле ликвидирани во соседната држава. Меѓу жртвите има и затворски чувар и агент на државното обвинителство
Вкупно биле поставени 250 блокади во 20 мексикански сојузни држави, кои до денес се расчистени
Земјата во страв
Неколку мексикански држави ги откажаа часовите во училиштата, додека локалните и странските власти ги повикаа граѓаните да останат во своите домови.
Претседателката на Мексико, повика на смиреност и порача дека државата има контрола врз ситуацијата.
Во меѓувреме, Белта куќа потврди дека САД обезбедиле разузнавачка поддршка во операцијата и ја пофалиле мексиканската армија за апсењето на еден од најопасните криминалци во двете земји.
Кој беше Ел Менчо?
Ел Менчо беше сметан за еден од највлијателните нарко-босови во светот. Под негово водство, картелот „Халиско Нова генерација“ прерасна во глобална криминална мрежа со операции во повеќе континенти.
Неговата смрт претставува сериозен удар за картелот, но експертите предупредуваат дека ваквите вакууми на моќ често предизвикуваат нови внатрешни пресметки и уште поголема нестабилност.
Мексико сега стравува дека ликвидацијата на Ел Менчо може да отвори нова, уште покрвава фаза во долготрајната војна против нарко-картелите.