Во само неколку часа по ликвидацијата на озлогласениот мексикански наркобос Немесио Осегера Сервантес, познат како „Ел Менчо“, вооружени припадници на картелот започнаа координирани напади, блокади и палење возила во повеќе мексикански сојузни држави.
Според официјалните податоци, најмалку 55 лица загинале – 25 припадници на Националната гарда и 30 членови на картелот – во операцијата и последователните немири.
Како беше изведена операцијата?
Мексиканските специјални сили, со поддршка на разузнавачки информации од САД, спровеле сложена акција насочена кон апсење на лидерот на Jalisco New Generation Cartel (CJNG).
Во операцијата биле вклучени шест хеликоптери и воен авион подготвен за транспорт до главниот град.
Според министерот за одбрана, генералот Рикардо Трејо картелот отворил оган со тешко оружје веднаш по почетокот на акцијата. Пронајдени биле и ракетни фрлачи способни да соборат летала.
„Ел Менчо“ и двајца негови телохранители биле тешко ранети во престрелката. Иако биле пренесени со хеликоптер кон болница, тројцата починале за време на летот
Бран насилство и хаос во 16 држави
По веста за неговата смрт, картелот започнал одмазднички напади. Запалени биле автомобили и деловни објекти, блокирани автопати, а во најмалку 16 држави е регистриран сериозен безбедносен инцидент.
Во сојузната држава Јалиско биле распоредени 2.500 војници за стабилизација на ситуацијата.
Мексиканската претседателка изјави дека „мирот постепено се враќа“ и дека владата има целосна контрола врз безбедносната состојба.
Што следува?
Властите соопштија дека е формиран национален координативен безбедносен центар кој ќе работи 24 часа дневно. Според мексиканските власти, операцијата ја спровеле исклучиво домашни сили, додека САД обезбедиле разузнавачка поддршка.
Иако официјалните претставници тврдат дека ситуацијата се стабилизира, снимките од запалени улици и вооружени пресметки продолжуваат да кружат на социјалните мрежи, предизвикувајќи загриженост во јавноста.