Крвав судир во Рио де Жанеиро, повеќе од 130 мртви во најсмртоносната полициска акција

Улиците на Рио де Жанеиро денес личеа на бојно поле. Во масовна полициска акција против криминалната организација Командо Вермељо загинаа најмалку 132 лица, што ја прави оваа операција најсмртоносната во историјата на градот.

Фотографот Бруно Итан, сведок на настаните, за BBC Brasil изјави дека „телата само пристигнуваа – 25, 30, 35, 40, 45…“. Меѓу жртвите имало и полицајци, од кои некои биле обезглавени или тешко осакатени. На многу тела биле видливи убоди од нож и траги од тортура.

Снимките од теренот покажуваат сцени на хаос и очај. „Беше ужасно…мајки кои паѓаа во несвест, трудници што плачеа, бесни татковци. Атмосфера на безнадежност и страв,“ изјави Итан, кој го документирал пристигнувањето на десетици тела во болницата Гетулио Варгас.

Полицијата блокирала пристап за новинарите во населбата Пенја, каде што се одвивала акцијата, но Итан, кој таму пораснал, успеал да влезе и останал до зори. За тоа време, жителите го пребарувале ридот што ја дели Пенја од соседниот Алемао во потрага по исчезнати роднини.

Според гувернерот на државата Рио де Жанеиро, Клаудио Кастро, операцијата, во која учествувале околу 2500 припадници на безбедносните сили, имала цел да спречи ширење на територијата на Командо Вермељо, една од најстарите и најмоќни криминални организации во Бразил. Полицијата тврди дека за време на рацијата била нападната со дронови полни со експлозив.

Командо Вермељо, организација што постои повеќе од половина век, функционира како мрежа на локални криминални босови поврзани со трговија со дрога, оружје и злато. Бразилските истражувачи ја опишуваат групата како „франшиза на криминалот“, со силно присуство во фавелите.

Гувернерот Кастро ги нарече припадниците на групата „наркотерористи“ и загинатите полицајци „херои“, тврдејќи дека акцијата била насочена кон нивно апсење, а не кон ликвидација. „Сакавме сите да ги уапсиме живи, но тие први отворија оган,“ изјави тој.

Меѓутоа, бројот на убиени предизвика лавина од критики. Канцеларијата на Високиот комесар на Обединетите нации за човекови права соопшти дека е „длабоко загрижена“ и побара целосна истрага за прекумерната употреба на сила.

Судијата на Врховниот суд, Александар де Мораес, го повика гувернерот Кастро на сослушување во понеделник, каде што ќе мора детално да го објасни постапувањето на полицијата.

Во меѓувреме, Рио живее во страв, улиците се опустошени, а жителите на фавелите велат дека „најлошото допрва може да дојде“.

Извор: Index.hr

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни