Крвав напад во Англија: деветмина во критична состојба близу Кембриџ

Девет лица се борат за живот по напад со нож во воз во близина на Кембриџ, во источна Англија, потврди британската полиција. Двајца мажи се уапсени, а премиерот Кир Стармер го нарече инцидентот „ужасен“.

Полицијата за безбедност во јавниот превоз соопшти дека антитерористичката единица се приклучила на истрагата за да се утврдат сите околности и мотивот на нападот.

Во првите минути по инцидентот, полицијата ја активирала кодната ознака „Платон“, што се користи кога се сомнева на „подвижен терористички напад“ – напад при кој сторителите се движат низ јавен простор и напаѓаат повеќе цели. Оваа декларација подоцна е повлечена, а мотивот засега останува непознат.

Главниот инспектор Крис Кејси изјави дека „се спроведува итна истрага за да се утврди што точно се случило“, додавајќи дека е рано за шпекулации.

Според полицијата, нападот се случил во 18:25 часот во воз кој патувал од Донкастер кон лондонската станица Кингс Крос, кратко по поаѓањето од Питерборо.

Сведоци опишуваат сцени на паника и крвопролевање. Еден патник за Sky News рекол дека видел човек како трча низ вагонот и вика: „Има нож, ме избодеа!“. Други сведоци изјавиле дека повредените трчале низ возот обидувајќи се да избегаат од напаѓачот, а некои биле пренесени во болница во критична состојба.

Наоружани полициски тимови го сопреле возот во Хантингдон, каде што ги уапсиле осомничените. Еден од нив бил обезвреден со електрошокер откако одбил да го фрли ножот.

Премиерот Стармер изрази длабока загриженост:
„Овој страшен напад е шок за сите. Моите мисли се со жртвите и нивните семејства. Благодарност до итните служби за нивната брза реакција.“

Министерката за внатрешни работи Шабана Махмуд изјави дека е „длабоко потресена“ од случувањето и повика јавноста да не шпекулира.

Железничката компанија LNER, која управува со линијата, потврди дека станицата Хантингдон е затворена и дека сите железнички линии во регионот се блокирани поради полициската истрага.

Инцидентот ја шокира британската јавност и повторно ја отвори дебатата за безбедноста во јавниот превоз и растечкото насилство со ножеви во земјата.

Извор: Index.hr

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни