Крушевскиот локум испишува вековна историја

Во срцето на Крушево, меѓу улиците полни со историја и чаршијата исполнета со спомени, се наоѓа слаткарницата „Тагас Балкан“ – вистински симбол на традицијата и автентичноста. Основана во далечната 1921 година, оваа слаткарница веќе сто години ја раскажува приказната на Крушево преку вкусот на својот локум и целувките – најголемите крушевски сувенири што ја зачувуваат магијата на времето.

Тајната на успехот: Рецепт кој трае 100 години

Сè започнало кога Ѓорѓи Тагас го донел рецептот за локум од Солун. Неговиот мајсторлук преминал на неговиот син Киро, а потоа на следните генерации. Денес, четвртата генерација ја продолжува традицијата, создавајќи локум со истата посветеност и љубов како пред еден век. Рецептот останал непроменет – едноставен, но совршен: шеќер, нишесте и вода.

„Сè е исто како пред стотина години. Технологијата секако напредува, но квалитетот и начинот на подготовка се истите,“ вели Михаил Чонески, еден од денешните носители на брендот „Тагас Балкан.“

Михаил Чонески

Приказната зад легендата

Сè започнало со Ѓорѓи Тагас, кој го пренел својот занает на синот Киро, а тој на своите ќерки Соња и Мери и зетот Михаил, кој низ шега сподели дека имале среќа што се погодил зетот! Денес, четвртата генерација го продолжува семејното наследство, со истата посветеност и љубов кон занаетот.

Киро Тагас

Локумот на Тагас Балкан е препознатлив по својот чист состав: вода, шеќер, нишесте и лимонска киселина. Рецептот се држи строго на традицијата, со единствена промена што се воведоа варијации со кокос и лешник, за љубителите на нови вкусови.

Како се подготвува локумот?

Процесот на подготовка на крушевскиот локум е исто толку едноставен колку што е и мајсторски:

Првиот чекор е мешање на вода и шеќер во казан.

Загревање: Смесата се загрева до вриење.

Додавање нишесте и лимонска киселина: Кога ќе зоврие, се додаваат нишесте и лимонска киселина за да се добие густата текстура.

Варење: Сместа се вари приближно час и половина, додека мајсторот не оцени дека е готова.

Обликување: Откако е сварено, локумот се истура во дрвени калапи каде што се лади цело деноноќие.

Пакување: Наредниот ден се сече на парчиња и се пакува во традиционални кутии чиј дизајн не е променет со децении.

Најбаран сувенир: Локумот на сите континенти

Крушевскиот локум не е само десерт, туку симбол што патува низ светот. Од локалните пазари до туристите од странство, неговиот вкус освојува срца. Михаил споделува интересна приказна:

„Еднаш ми се јави жена од Сараево и праша каде може да го купи нашиот локум. Ѝ реков дека за жал го нема таму, а таа одговори: ‘Штета, таков вкус нема никаде.“

Крушевскиот Локум – Колку се произведува и кои се најпрометните денови?

Во слаткарницата „Тагас Балкан,“ дневно се произведуваат помеѓу 150 и 200 килограми локум. Овој капацитет е потребен за да се задоволи побарувачката, особено за време на викендите и празничните денови, кога Крушево е најпосетено.

Најпрометни денови:

Викенди и празници: Туристите од Македонија и странство доаѓаат во Крушево за прошетка и ретко заминуваат без кутија локум.

Зимскиот период: Особено за време на Божикните празници, кога локумот често се користи како слатко за дарување.

10 Дена Крушевска Република (2-12 август): Овој период носи најголем број посетители, па и најголема продажба, со дури 500 килограми продаден локум дневно.

Локалното население и редовните купувачи најчесто го посетуваат во среда и сабота, кога пазарот е во полн ек.

Слаткарницата, која е симбол на традицијата, продава најголем дел од производите директно на лице место, но значителен дел од локумот се праќа и во други градови, па дури и во странство како посебен сувенир од Македонија.

Нови вкусови, но иста традиција

Иако класичниот локум останува најбаран, во понудата се додадени и варијации со кокос и лешник. Но, суштината на производството останува иста: автентичност и висок квалитет.

Неизбежен дел од секоја посета на Крушево

Локумот на „Тагас Балкан“ најдобро се комбинира со шолја турско кафе, додека целувките, кои исто така се создаваат повеќе од 100 години, внесуваат уште еден слаткарски допир во крушевската традиција.

103 години гордост

„Тагас Балкан“ не е само семеен бизнис, туку и симбол на Крушево, кој сведочи за историјата, културата и упорноста на генерациите што го одржуваат овој бренд жив. Тоа не е само гордост на семејството што го создава, туку и на сите Македонци кои се радуваат на наследството што трае.

Овие 100 години се само почеток на иднината што допрва ќе дојде – иднина полна со вкусни моменти кои ќе продолжат да го слават Крушево низ светот.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни