Крушево за Велигденските празници бележи зголемен број посетители, со речиси целосно пополнети сместувачки капацитети и најави за успешна туристичка сезона.
Крушево е меѓу најпосетените домашни дестинации за Велигденските празници, со околу 2.000 гости и туристи кои ќе престојуваат во градот. Најголемиот дел од нив се домашни посетители.
Според туристичките работници, приватните сместувачки капацитети се речиси целосно пополнети, што се оценува како позитивен сигнал за претстојната летна сезона.
„Моментално имаме најава за доста добра туристичка сезона во Крушево. Капацитетите за Велигденските празници во приватниот сектор се речиси исполнети. Тоа ни дава доста добар знак за една добра летна сезона што ни претстои. Лани Крушево влезе во 100 топ приказни во светот, како зелена дестинација нудиме многу активности за домашните и за странските туристи“, изјави Леонора Ташкоска Крстеска од приватниот туристички сектор.
Таа посочува дека меѓу најбараните активности се параглајдингот, планинскиот велосипедизам, пешачењето, планинарските тури, како и посетите на музеи и адреналинскиот парк.
И хотелските капацитети во Крушево се целосно резервирани.
„Нашите хотелски капацитети во хотелите ‘Монтана’ и ‘Панорама’ се веќе распродадени за Велигденските празници. Околу 90 проценти од гостите се домашни и обично, за продолжениот викенд, и за Велигден се бара место повеќе“, изјави хотелската менаџерка Љубица Степаноска.
Зголемената посетеност се очекува да продолжи и во наредниот период, со оглед на богатата туристичка понуда и планираните настани.
„Околу 2.000 легла во Крушево се исполнети, се бара место повеќе. Оваа година туристичката понуда е зголемена. Нудиме многу настани кои започнуваат од Велигден па траат преку целото лето“, изјави Наташа Попакоча од локалната самоуправа.
Крушево, кое минатата година беше вклучено меѓу 100-те најдобри светски зелени дестинации, продолжува да ја гради својата позиција како туристички центар со акцент на природата, културата и активниот туризам.