На неколку километри од централната бетонска џунгла на Скопје, во Бутел, на површина од неколку хектари се распослани плантажите со лески на Сашо Крстовски. Годинешната реколта е собрана, а леските веќе цветаат за догодина.
„Кога бев помлад, како и сите други на тие години, решив на момент среќата да ја барам надвор од Македонија. Некако стигнав во Италија каде завршив во насади со лешници. Останав толку долго за да научам што значи производство на овие јаткасти плодови. Со целото тоа знаење се вратив дома, во Македонија и пред една деценија ги подигнав првите насади“, вака некако ја започна приказната за лешниците Сашо Крстевски кога еден септемвриски ден го посетивме на една од неговите плантажи.
Тоа што го стекнал како теоретско и практично знаење од оваа област несебично го споделува со сите. Потенцира дека Македонија е идеално место за одгледување на лешници, давајќи акцент на тоа дека инвестицијата не е многу голема во споредба со долгорочните приходи.
„Македонија е идеално поднебје за одгледување на лешник. Имаме вода и сонце, а тоа е она што најмногу им е потребно на садниците. Исто така и теренот ни е идеален. Лешниците бараат надморска височина од над 300 метри, а Скопје е баш тука некаде, но и поголеми надморски височини како во делчевско-пехчевскиот крај каде што имаме и до 900 метри и тоа како му годат на лешникот“, ни објаснува Крстевски додека дегустираме од лешниците кои се уште можат да се најдат по парцелата.
Во овој период од годината се прават последните подготовки на теренот за подигнување нови насади, вели Крстевски. Среќен е што се повеќе млади луѓе се одлучуваат за производство на лешници, гледајќи на оваа земјоделска гранка како идеален семеен бизнис.
„На самиот старт парцелата мора длабоко да се изора и да се направат дупки за садниците. Се прават анализи за тоа во каква состојба е почвата и дали и од кои ѓубрива има потреба. Садниците се садат кон крајот на ноември, кога ќе заврши вегетацијата односно ќе падне листот. Садницата мора да е во мирување за да не дојде до замрзнување кога ќе се засади“, ни објаснува Крстевски, проверувајќи ги системите за наводнување.
Кога го прашавме дали има многу работа на плантажите во текот на годината кусо ни објасни дека активностите не се големи, но е потребна соодветна механизација.
Годинава иако временските услови не беа поволни сепак приносите се задоволителни, вели Крстевски.
„Приходите се многу добри, од еден хектар добивате околу два тона лешници. Ако земем просек дека лешникот се откупува по околу две ипол евра по килограм тоа се 5.000 евра по хектар. Замислете да имате плантажи од четири хектари, вие годишно ќе заработите 20.000 евра, пари како да сте работеле во Италија“, со насмевка вели Крстевски, упатувајќи порака до младите луѓе што побрзо да се придружат на семејството одгледувачи на лешници.
Целиот род се извезува за Италија, а побарувачката е доста голема, вели Крстевски. Затоа се поздравивме со една желба, следната средба да биде на некоја нова плантажа кај некој иден одгледувач на лешници.