Кризите не бираат место: заедничките лекции на Романија и Македонија по трагедиите во ноќните клубови

Јавна дебата во Europe House Skopje за кризното управување, институционалните одговори и научените лекции од трагедиите во ноќните клубови во Романија и Македонија

Денес во Europe House Skopje се одржа јавна дебата посветена на искуствата од кризно управување и процесите на закрепнување, организирана по повод посетата на романска делегација во Кочани и Скопје. Настанот беше реализиран во соработка со Делегацијата на Европската Унија и Амбасадата на Романија, со цел да се споделат конкретни искуства, институционални одговори и научени лекции од трагични инциденти со масовни последици.

Во своите воведни обраќања, амбасадорот на Европската Унија и амбасадорката на Романија ја нагласија важноста на солидарноста меѓу државите, но и потребата од јасни, однапред воспоставени механизми за реакција во услови на криза. Посебен фокус беше ставен на институционалната подготвеност, транспарентната комуникација со јавноста и координацијата меѓу различни служби во првите критични часови по несреќата.

Клучен дел од дебатата беше презентацијата на г-дин Раед Арафат, претставник на Министерството за внатрешни работи на Романија, кој детално ги спореди трагичните пожари во затворени ноќни клубови во Романија и во Македонија. Тој истакна дека и во двата случаи пожарите биле предизвикани од употреба на пиротехнички средства во затворен простор, при што дополнителен фатален фактор била употребата на лесно запалива полиуретанска акустична пена. Оваа комбинација, како што нагласи, се покажала како смртоносна во двата случаи но и во други земји.

Г-дин Раед Арафат направи паралела и со инцидентот во Кран Монтана од почетокот на годинава, при што ја истакна суштинската разлика во институционалниот контекст. Во времето на трагедијата во Романија, Европскиот механизам за цивилна заштита сè уште не постоел, што значително ја отежнало меѓународната координација и брзата реакција. Денес, овој механизам овозможува активирање на јасни протоколи, брз трансфер на пациенти и распределба на ресурси во рамки на Европската Унија.

Како пример за добра пракса, беше посочено воспоставувањето на посебна телефонска линија преку која граѓаните можеле да добијат проверени информации за повредените и загинатите, но и да проверат дали нивни блиски се во ризична состојба. Оваа мерка, според романското искуство, значително го намалила ширењето дезинформации и паниката во јавноста, кои во периодот по трагедијата претставувале дополнителен сериозен проблем.

Една од најважните лекции што Романија ја сподели е потребата од интегрирана комуникација меѓу медицинските служби, болниците, пожарникарите и одделите за итни состојби. Наместо фрагментирани и често контрадикторни информации, институциите мора да настапуваат заеднички, со координирани одговори и јасни пораки кон јавноста, особено во ситуации кога притисокот од медиумите и семејствата на жртвите е огромен.

Во таа насока беа отворени и чувствителни прашања поврзани со третманот и трансферот на тешко изгорени пациенти. Романското искуство покажало дека во првите денови не постоеле јасни процедури за нивно преместување, ниту доволен капацитет за специјализирана нега. Иако биле ставени во функција сите расположливи авиони за меѓународен трансфер, експертите се соочиле со силен притисок од семејствата и од медиумите за итно лекување во странство, дури и во случаи кога медицинскиот персонал не се согласувал со таквите одлуки. Во неколку случаи, токму тие трансфери резултирале со дополнителни смртни случаи.

Дополнително беше нагласено дека во вакви ситуации често се заборава на самите спасувачи ( медицинскиот персонал, пожарникарите и службите за итна помош) кои се изложени на екстремен психолошки и физички притисок, без соодветна поддршка и заштита.

На крајот од дебатата се обрати и амбасадорот на Швајцарија во Северна Македонија, Кристоф Зомер, кој ја заокружи дискусијата со три суштински пораки. Првата беше дека не постојат „безбедни“ и „небезбедни“ места – вакви трагедии можат да се случат секогаш и секаде. Втората порака се однесуваше на одговорноста, не само на оние што управуваат со објектите, туку и на институциите што дозволуваат нивно функционирање без целосно исполнети безбедносни стандарди. Третата порака беше солидарноста – како заедничка нишка што се појавува во сите вакви трагедии, кога државите што веќе го поминале најлошото стануваат поддршка за оние што допрва се соочуваат со кризата.

Дебатата во Скопје уште еднаш покажа дека трагедиите не се само последица на несреќни околности, туку и на системски пропусти, недоволна регулација и неподготвеност. Прашањето што останува отворено е дали научените лекции ќе останат само дел од јавни дебати, или конечно ќе се преточат во конкретни политики, процедури и одговорности.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни