Цената на нафтата повторно порасна над 100 долари за барел поради продолжената криза во Ормускиот теснец и неизвесноста околу примирјето меѓу САД и Иран. Фјучерсите на американската сурова нафта тип Вест Тексас Интермидиет пораснаа за 5,5 проценти и достигнаа околу 100 долари за барел, што е прво враќање на троцифрена вредност по објавата на примирјето.
Според Си Ен Ен, цената на нафтата достигнала и 100,29 долари за барел во утринското тргување, откако претходниот ден беше забележан драматичен пад од 16 проценти. Овој пад беше најголем еднодневен пад од 1983 година, кога започнало тргувањето со фјучерси, како и најголем процентуален пад од пандемијата на КОВИД-19 во 2020 година.
И покрај тоа што американскиот претседател Доналд Трамп објави двонеделно примирје меѓу САД и Иран, ситуацијата на терен останува нестабилна. Израел започна нов бран на напади врз Либан, при што беа убиени стотици луѓе, што дополнително го доведе во прашање опстанокот на договорот за прекин на огнот.
Нападите ја открија клучната разлика во толкувањето на примирјето меѓу страните. Додека Иран тврди дека Либан е составен дел од договорот, САД и Израел инсистираат дека тоа не е случај. Поради оваа несигурност, транспортот на нафта низ Ормускиот теснец останува отежнат, што директно влијае врз глобалното снабдување и ја турка цената нагоре.
Ормускиот теснец е една од најважните светски рути за транспорт на нафта, преку која поминува значителен дел од глобалната енергетска трговија, па секое нарушување има силни последици врз светската економија.